Репрезентацијата на Словенија се израдува на првата победа во главната фаза на Европското првенство 2024, откако целосно ја надигра Холандија со 37:34 и со денешната победа го зголеми бодовното салдо на табелата во првата група, сега има четири бода, а Холандија останува на нула.
До првата половина на првиот дел главно се играше гол за гол, но во периодот од 15 минута, па до крајот на полувремето, репрезентацијата на Холандија беше непрепознатлива, додека избраниците на Урош Зорман беа во полн налет и фактички победата ја обезбедија во моментите кога „лалињата“ имаа „црна дупка“.
По нерешените 6:6, словенечката репрезентација за првпат се одлепи на плус два, 8:6, ракометарите на Холандија се обидуваа да се вратат во игра, но како што одминуваше времето, растеше предноста за составот на Зорман. Словенија најпрво во 15 минута дојде до 12:7, потоа и до 17:10 во 25 минута.
Тука беше сосема јасно дека Холандија ќе има тешка задача да се врати во игра. Словенија замина на пауза со резултатска предност од 19:13 и овие шест гола разлика беа недостижни за ракометарите на Стефан Олсон, па така по десет минути игра во вториот дел, предноста на Словенија беше 25:20.
Холанѓаните ја искористија опуштеноста во противничкиот табор, ја преполовија негативата, намалија на три гола, но до финишот Словенија не дозовли да има било каква неизвесност, одржуваше контрола и на крајот триумфираше со четири гола разлика.
Кај победничката репрезентација одлично одигра ракометарот на Еурофарм Пелистер, Нејц Цехте, кој заедно со Маргуч и Хорзен беа најефикасни со по шест погодоци. Кај Холандија незапирлив беше Верстајнен со дури 15 погодоци.
Словенија во последното коло од главната фаза ќе игра против репрезентацијата на Данска, која вечерва во терминот од 20:30 ќе има дуел со Норвешка. Холандија последниот натпревар на континенталниот собир ќе го одигра против Португалија.