Вардар меѓу елитата – „црвено-црните“ втор најуспешен клуб во Европа минатата сезона!

Македонскиот шампион Вардар зад себе остави една од најуспешните сезони во клупската историја, а бројките потврдуваат дека „црвено-црните“ повторно се меѓу европската елита.

По освоената двојна круна и обезбедениот пласман во Лигата на шампионите по тригодишна пауза, Вардар се најде меѓу најдобрите клубови во Европа и според статистичките показатели.

Според анализата на резултатите од сезоната 2025/26, Вардар е седми најуспешен европски клуб според бројот на остварени победи, со вкупно 41 триумф во сите натпреварувања.

Уште повпечатлив е податокот за успешноста. Вардар има 87,23% победи, што го рангира на второто место во Европа, веднаш зад неприкосновената Барселона, која има неверојатни 98,31% успешност.

Македонскиот првак зад себе остави големи европски имиња како Магдебург, Фуксе Берлин, Веспрем и многу други клубови кои настапуваа во Лигата на шампионите.

Во текот на целата сезона, избраниците на тренерот Иван Чупиќ претрпеа само шест порази. Два од нив беа во домашното првенство – од Еурофарм Пелистер и од Охрид, а четири во Европската лига, каде што Вардар стигна до четвртфиналето.

Сезоната беше заокружена со освојување на шампионската титула и Купот на Македонија, а следниот предизвик за „црвено-црните“ ќе биде враќањето на европската сцена во најсилното клупско натпреварување – Лигата на шампионите, каде што Вардар веќе двапати се искачи на европскиот трон, во 2017 и 2019 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by datahandball (@datahandball)