Два милиони евра за двајца генијалци: Фленсбург ги купува браќата Кошта!

Германскиот гигант Фленсбург е многу блиску до реализација на еден од најголемите трансфери во европскиот ракомет. Португалските репрезентативци Франциско и Мартим Кошта се главна трансферна цел на бундеслигашот, а преговорите се во напредна фаза.

Според португалскиот спортски весник „A Бола“, Фленсбург и Спортинг Лисабон постигнале договор за обесштетување од два милиони евра. Доколку трансферот биде финализиран, браќата Кошта би се преселиле во Германија во летото 2027 година.

Сепак, спортскиот директор на Фленсбург, Љубомир Врањеш, потврди дека договорот сè уште не е официјално потпишан.

„Покажуваме огромен интерес за Франсиско и Мартим Коста. На многу, многу добар пат сме, но сè уште ништо не е потпишано“, изјави Врањеш за „Handball World“.

Тој додаде дека сумата од два милиони евра, која се споменува во медиумите, е над границата што Фленсбург е подготвен да ја плати.

Браќата Кошта се меѓу најбараните млади ракометари во Европа и се носители на играта на Спортинг Лисабон, со кој настапуваат во Лигата на шампионите. Нивниот евентуален трансфер во Бундес лигата би претставувал едно од најзвучните засилувања во последните години.