Грузискиот репрезентативец Теимураз Орјоникидзе е нов ракометар на романскиот прволигаш Потаиса Турда.
Искусниот лев бек пристигнува во Романија од македонскиот суперлигаш Охрид, каде што настапуваше две и пол години, а раскинот на соработката се случи во текот на зимата.
Во Турда игра уште еден Грузиец, екс средниот бек на Металург – Иракли Кбилашвили.
„Слушнав многу убави работи за клубот од Иракли Кбилашвили и навистина сум среќен што доаѓам во Турда. Знам дека градот има богата историја, а клубот со години е меѓу најдобрите во Романија. Потенцијалот е огромен и мојата цел е тука да освојувам медали и трофеи. Играв против Потаиса и добро знам колку е тешко да се гостува во арената. Ги повикувам навивачите да доаѓаат во што поголем број и заедно да славиме многу победи“, изјави грузискиот интернационалец.
Орјоникидзе зад себе има богата интернационална кариера. Покрај Охрид, настапуваше и за Прилеп и Еурофарм Пелистер, унгарските Ференцварош и Орошази, романската Решица и финскиот Кокс.
Во дресот на репрезентацијата на Грузија има 62 настапи и беше дел од националниот тим на големите меѓународни натпреварувања.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























