Шведскиот клуб Онеред направи важен организациски потег пред новата сезона. Легендарниот пивотмен Андреас Нилсон веднаш ја презема функцијата спортски директор на машкиот тим, но во исто време ќе продолжи и како активен ракометар.
Со ова, Онеред добива човек кој ќе има двојна улога – ќе помага на теренот со своето огромно искуство, но и ќе биде дел од долгорочното градење на спортскиот проект во клубот. Нилсон останува еден од најискусните играчи во составот, а сега ќе биде вклучен и во креирањето на иднината на машката екипа.
Од клубот истакнуваат дека со Нилсон добиваат личност што комбинира огромно интернационално искуство и силна посветеност кон иднината на Онеред. Андреас Нилсон е едно од најпознатите шведски ракометни имиња во последните две децении. Во кариерата настапуваше за Трелеборг, Сковде, Хамбург и Веспрем, а најголемите успеси ги имаше на европската сцена.
Со Хамбург ја освои Лигата на шампионите, играше повеќе финалиња во елитното натпреварување, а со Веспрем освојуваше титули во Унгарија. Со репрезентацијата на Шведска има олимписко сребро, а за националниот тим одигра повеќе од 150 натпревари.
Нилсон со години важеше за еден од најценетите пивотмени во Европа, ракометар со силна физичка игра, искуство од најголемите натпревари и победнички менталитет. Токму тие квалитети сега Онеред сака да ги искористи не само на теренот, туку и во спортското раководење.
На функцијата спортски директор тој го наследува Кристофер Линд, кому клубот му се заблагодари за работата во изминатите три години.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























