ПАРИЗ 2024: Словенија царува на Балканот, Хрватска немоќна пред момците на Зорман!

По поразот од Шпанија во првото коло, селекцијата на Словенија ја запиша првата победа на Олимписките игри, откако славеше во балканското дерби против Хрватска со 31-29. Иако Хрватите имаа водство од четири гола во првиот дел, дозволија Словенците да се вратат во егал меч уште до паузата, а потоа во второто полувреме полека го кршеа хрватскиот отпор и кога поведоа со четири, веќе беше доцна за камбек за момците на Сигурдсон.

Хрватите отворија одлично и поведоа со 5-1, а Словенците по низа грешки полека почнаа да се враќаат во ритам. Лесјак го замени Ферлин на голот, запиша три одбрани во серија, Словенија искористи две хрватски исклучувања и намалија на минус два, 13-11.

Во финишот на полувремето уште еднаш Лесјак одбрани шут на Кларица, а бековската линија со Влах и Зарабец внесе живост, па Хрватите немаа многу решенија во одбраната. На пауза се замина со реми, 13-13.

Вториот дел стартуваше со игра гол за гол, Хрватска остана без Начиновиќ, кој доби црвен картон по трите исклучувања. Словенците имаа шанса за водство, но Кузмановиќ му одбрани шут на Мачковшек, па остана 20-20 кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути.

По два промашени пенали, Доленец погоди за словенечко водство, а потоа промашуваа Циндриќ и Шоштариќ, па Словенија се одлепи на плус два, 23-21. Хрватска беше во нокдаун, се правеа грешки во низа и Словенија отиде на 25-21. Има момците на Сигурдсон шанса за камбек, но Ферлин му одбрани зицер на Шоштариќ за минус еден и шансата отиде во неврат.

Во последните пет минути беше 28-24, па Сигурдсон одново мораше да бара тајм-аут. Немаше енергија во хрватскиот напад и кога Влах донесе 30-25 веќе беше јасно која селекција ќе ги освои бодовите на овој натпревар.

Јанц и Влах имаа по осум гола за Словенија, додека Ферлин и Лесјак комбинираа 13 одбрани. Во Хрватска, по пет пати погодија Мартиновиќ, Шоштариќ и Срна.