Изборното собрание на Романската ракометна федерација донесе нов претседател, но наместо мирен процес, јавноста ќе го памети по маратонска седница и необични расправии што траеја речиси цел ден. По скоро 12 часа дебати, паузи и гласања, Богдан Војна беше избран за нов лидер на романскиот ракомет, откако во вториот круг го победи Сорин Дину. Седницата завршила по полноќ, а долгиот тек на настаните беше обележан со тензии, доцнења и конфузија околу процедурите.
Еден од најапсурдните моменти на денот била расправијата за тоа дали гласањето треба да се одвива со или без завеси на кабините. Дел од делегатите инсистирале дека без завеси нема вистинска тајност на гласањето, додека други сметаа дека тоа е непотребно. Завесите прво биле поставени, потоа отстранети, па дури и се гласаше за нивното присуство. На крајот беше одлучено тие да се тргнат, но дури по оваа „банална“ дебата, гласањето конечно започна – со задоцнување од неколку часа.
Дополнителни недоразбирања имало и околу доцнењето на делегати и прашања поврзани со буџетот, што дополнително ја продолжи седницата и ја зголеми тензијата во салата. Во таква атмосфера, Војна ја презеде функцијата со јасна порака дека вистинската работа допрва започнува. Неговата програма е фокусирана на неколку клучни точки кои треба да донесат промени во романскиот ракомет.
Првиот приоритет е проширување на базата на играчи преку влез во училиштата и работа со најмладите категории. Според него, без широка база нема ниту врвни резултати.
Вториот столб е создавање систем што ќе произведува домашни играчи и тренери, наместо административни решенија и краткорочни мерки.
Голем акцент става и на реформа на младинските натпреварувања, кои во моментот имаат сериозни недостатоци, и дел од нив завршуваат прерано, што остава младите играчи без континуитет. Планира и редизајн на преминот од младински во сениорски ракомет, со цел да се задржат талентите во системот.
Една од целите е и зголемување на буџетот преку нови партнери и спонзори, а како пример за развој го посочува францускиот модел, кој го познава одблиску бидејќи Воина има играно во Франција долг период.
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.

























