Нов дебакл на Будуќност, Ѓер со пресврт до нов триумф

Денес со натпреварот меѓу Есбјерг и Икаст, односно Крим и Мец беше комплетирано 8. коло во Лигата на шампионите кај дамите. Ова коло е последното за оваа година, бидејќи претстои пауза поради Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.

Црногорскиот шампион Будуќност откако во претходното коло направи изненадување до ремито кај Брест Бретањ, во 8. коло пред својата публика беше убедливо поразен од францускиот тим со 34:21.

Будуќност со поразот од Брест Бретањ си ги намали шансите за пласман во осминафиналето и на следните шест дуели, кои ќе ги одигра во 2024 година, ќе мора да го даде максимумот доколку сака пласман во следната фаза од елитата.

Екипата на Ѓер со пресврт славеше над Битигхајм, триумфираше со 31:29 и си ги задржа шансите за директен пласман во четвртфиналето. Германскиот тим покажа дека има квалитет да се носи со поквалитетни екипи и екипи кои имаат далеку поголем буџет.

На останатите натпревари победа забележаа екипите на ФТЦ, Есбјерг, Мец, ЧСМ Букурешт, Оденсе и Вајперс Кристијансад.

По осмото коло веќе е познато дека од А групата екипите на Ѓер, Оденсе, Битигхајм и ЧСМ Букурешт имаат обезбедено сигурен пласман во осминафиналето, две од овие екипи ќе имаат и директно место во четвртфиналето

Брест Бретањ и Дебрецин, две екипи кои имаат по седум бода, се на чекор до осминафинале со оглед на тоа што нивниот главен ривал, тимот на Будуќност, има три бода, додека Савехоф е без бодови и веќе е елиминиран.

Што се однесува до Б групата, таму Есбјерг, Мец и Икаст се во голема борба за првата позиција на табелата. Сепак, бидејќи до крајот има уште шест кола, ниту повратникот во елитата – Икаст, не е сигурен за осминафинале.

Есбјерг има 14 бода, Мец 12, Икаст 10, а по седум бода имаат Вајперс, Крим, ФТЦ и Рапид Букурешт. Екипата на Заглебје е без бодови.

Лига на шампиони, 8 коло, резултати:

Дебрецин – ЧСМ Букурешт 23-30
Оденсе – Савехоф 40-22
Будуќност – Брест Бретањ 21-34
Ѓер – Битигхајм 31-29
Кристијансанд – Рапид Букурешт 35-30
Заглебје – Ференцварош 23-35
Есбјерг – Икаст 37-34
Мец – Крим 40-31