Во Гдањск со голем респект зборуваат за македонскиот тим и атмосферата во салата „Боро Чурлевски“.
Полскиот Вибжеже Гдањск со голем респект ја очекува пресметката со Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на Европа.
Во клупската анализа по ждрепката, Полјаците не само што го истакнаа квалитетот на битолскиот тим, туку посебно ја нагласија и атмосферата што владее во салата „Боро Чурлевски“.
„Еурофарм Пелистер е еден од најтрофејните клубови во Македонија и повеќекратен шампион на државата. Во последните три сезони редовно настапуваше во групната фаза од Лигата на шампионите. Познат е и по неверојатната атмосфера во салата во Битола. Во ракометниот свет одамна постои изреката – кој не играл во Битола, не знае што е вистинско навивање“, стои во претставувањето на македонскиот тим на официјалната страница на полскиот клуб.
Тренерот на Вибжеже Гдањск, Патрик Ромбел, исто така не го криеше респектот кон Еурофарм Пелистер.
„Добивме многу тешка група. Од една страна ми е драго, бидејќи секогаш сакам да играме против посилни екипи. Таков противник без сомнение е Еурофарм Пелистер, учесник во последното издание на Лигата на шампионите“, изјави Ромбел.
Полскиот стратег ги пофали и останатите ривали во групата, германски Гумерсбах и шпански Логроњо Ла Риоха, оценувајќи дека неговиот тим го очекува исклучително тежок предизвик.
Еурофарм Пелистер и Вибжеже Гдањск ќе го одиграат првиот меѓусебен натпревар на стартот од групната фаза на Лига на Европа, која започнува на 29 и 30 септември.
























