Екипата на Куманово продолжува активно да го гради ростерот за новата сезона во македонската Супер лига. По обезбедениот опстанок, клубот започна со засилувања на позициите што останаа испразнети по заминувањето на неколку ракометари.
По ангажманот на Наум Костов, Филип Мечкароски и Марко Трајковски, кумановци се пред договор и со средниот бек од Египет, Хамза Мамду Солиман, дознава 24Ракомет.
Станува збор за 19-годишен организатор на играта, кој треба да им се придружи на двајцата негови сонародници – левиот бек Омар Мамду Радван и десниот бек Карим Закарија.
Тој потекнува од познатиот тим на Ал Ахли, каде играше до 2021 година, а оттогаш е член на Ел Обур.
Куманово остана без Давид Димевски, Тоше Ончев, Борјан Цековски, Мартин Иванов и Александар Стојков, но носи квалитетни засилувања пред стартот на новата сезона во која очекува да има важна улога во Супер лигата.

























