Еурофарм Пелистер 2 на собир – нов тренер и четири засилувања за суперлигашките предизвици

Бранислав Ангеловски ја започна мисијата со подмладениот состав, а капитенот Стефан Дрогришки ќе биде лидер на битолчани.

Еурофарм Пелистер 2 денеска ги започна подготовките за новата суперлигашка сезона, во која битолчани ќе се обидат да направат исчекор и да бидат едно од најпријатните изненадувања во шампионатот.

Во составот на новиот тренер Бранислав Ангеловски пристигнаа четири засилувања, кои треба дополнително да го зголемат квалитетот и конкуренцијата во тимот. Нови членови на Еурофарм Пелистер 2 се Марко Трајков (Пролет), Божидар Илиески (Прилеп), Кристијан Симоноски (Автокоманда) и Александар Стојков (Куманово).

Покрај играчките промени, битолскиот клуб го засили и стручниот штаб. Ангеловски ќе има поддршка од Фарук Мемиќ, Васко Димитровски ќе биде задолжен за физичката подготовка, Филип Ивановски ќе работи со голманите, додека Иванчо Тодоровски ќе ја извршува функцијата физиотерапевт.

Еден од најважните адути на тимот повторно ќе биде искусниот Стефан Дрогришки. Со богато искуство стекнато на домашната и европската сцена, вклучувајќи настапи и во Лигата на шампионите, Дрогришки ќе биде еден од лидерите на битолскиот состав.

Со квалитетните засилувања, засилен стручен штаб и комбинација од млади таленти и искусни ракометари, Еурофарм Пелистер 2 во новата сезона влегува со јасна цел – да оствари подобар пласман и да биде конкурентен против секој ривал.