Ангеловски: Моја желба е што повеќе од овие млади играчи да бидат дел од првата екипа

Бранислав Ангеловски ја почна својата мисија како предводник на Еурофарм Пелистер 2 и ја имаше првата прозивка со неговите ракометари.

Тој ги сподели очекувањата од подготовителниот период и од сезоната што доаѓа, а смета дека резултати не смеат да бидат во втор план.

„Едноставната работа може да биде и сложена доколку се експериментираат некои работи. Јас ќе пробам, максимално ќе се трудам за оваа екипа да го даде својот максимум, како што е и мојата задача како тренер. Имаме ситуација, буквално, да имаме спој на младост и искуство, а резултатите не смеат да бидат во втор план. Единствената добра желба ми е таа да бидеме здрави, како би можеле да го дадеме максимумот на секој тренинг, како би биле уште подобри на секој натпревар, а тој натпревар да вроди со плод. Моја искрена желба е што повеќе од оваа група на млади играчи да бидат дел од првата екипа на Еурофарм Пелистер“, изјави Ангеловски.

Тренерот на младите битолчани потврди дека ќе се одиграат пет контролни натпревари пред стартот на суперлигашките предизвици.

Мојата замисла е дека треба да останеме во Битола, затоа што сакам овие млади деца да бидат дел од градот, да бидат дел од граѓаните на Битола и да бидат присутни во Битола. Имаме неколку натпревари закажани, првенствено треба да играме некој натпревар, да играме со Куманово, потоа да играме натпревари на турнирот во Прилеп и прикрај на месец август да имаме контролен натпревар во Скопје со репрезентацијата на Иран. Тие ќе бидат пет и сигурно дека би можело да одиграме некој натпревар меѓу нас, постариот со помалиот брат и да бидеме спремни што подобро за првенството“, заврши Ангеловски.

Младите битолчани ќе тренираат на домашно тло, а ова лето ги чека настап на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп пред официјалниот старт на сезоната.