Француски ракометар зад решетки – се води истрага за семејно насилство и обид за силување!

Францускиот ракометар Теофил Кос, член на Сесон Рен, се наоѓа во притвор од 4 јули, откако против него е отворена истрага поради сомневање за семејно насилство и обид за силување.

Според информациите што ги објавија француските медиуми, случајот не бил пријавен директно од неговата партнерка, туку од нејзини блиски пријателки, кои ја известиле полицијата за наводно долгогодишно физичко насилство, како и за сомневања за сексуално насилство.

Во текот на истрагата, партнерката првично изјавила дека не ѝ е потребна помош, но подоцна пред истражителите зборувала за наводни случаи на семејно насилство кои, според нејзините искази, траеле од 2023 година, како и за обид за силување. Сепак, според достапните информации, таа не потврдила дека дошло до силување.

Од друга страна, Кос ги негира сите обвинувања. Ракометарот поднел барање за пуштање од притвор, а одлуката на надлежниот суд се очекува во наредните денови.

Кос во својата кариера настапуваше за Данкерк, Монпелје и Иври, а од 2021 година е член на Сесон Рен. Во изминатата сезона неговиот клуб го заврши францускиот шампионат на 10. место.