Одморот завршува – oд денеска до следната среда сите суперлигаши во погон

Летниот одмор за машките суперлигашки тимови полека завршува од денеска до наредната среда сите ќе ги започнат подготовките за претстојната сезона во која некои од нив ќе играат на четири фронта.

За водечката четворка покрај настапите во домашното првенство и Купот на Македонија, тука се европските двобои во купови, но и натпреварите од регионалната лига со српските и црногорските екипи, додека Бутел Скопје и Тиквеш покрај домашните обврски, ги чека и нов европски настап.

Денеска со тренинзи ќе почнат Еурофарм Пелистер 2 и тимот на Кирил Лазаров. Битолчани ќе се подготвуваат на домашно тло, ќе бидат дел од турнирот во Прилеп, а новиот стратег Бранислав Ангеловски со засилен ростер ќе се обиде да ги оствари посакуваните цели.

„Сино-белите“ од Автокоманда нема да бидат дел до македонските турнири и далеку од очите на ривалите ќе се подготвуваат за новата сезона во која ќе влезат без Мартин Серафимов, еден од играчите што имаше најдолг стаж во клубот.

Трети на терен по паузата ќе излезат охриѓани, кои стартуваат в петок на 24 јули. Охрид ќе биде дел од турнирите во Струга и на домашен терен, а пред првиот официјалниот натпревар од Супер Купот против Вардар на 2 септември ќе играат уште две средби од регионалната конкуренција.

В недела тргнува вицепрвакот Еурофарм Пелистер, кој нема да настапи на домашните турнири и ќе оди на десетдневни подготовки во Словенијја, каде ќе одигра и пријателски натпревари, а кон крајот на август битолчани ќе бидат домаќини на Партизан и Ловќен.

В понеделник на 27 јули, дури шест екипи ќе го имаат првиот собир за претстојната сезона. Шампионот Вардар, потоа „витамините“ од Автокоманда, Бутел Скопје, Прилеп, Младост Богданци и Куманово ќе започнат со тренинзи.

Вардарци ќе бидат во Маврово, па потоа дел од турнирите во Струга и Охрид, меѓу нив една регионална пресметка со Војводина, а пред Супер Купот против „гладијаторите“ ќе играат со Динамо Панчево.

„Витамините“ од Автокоманда, Бутел Скопје, Прилеп, Младост Богданци дел од подготовките ќе ги имаат на турнирите во Струга и Прилеп, додека на 29 јули со тренинзи ќе стартува и Тиквеш, кој полека го комплетира ростерот за претстојната сезона. Покрај настапите на турнирите македонските екипи ќе одиграат и повеќе пријателски натпревари меѓусебе пред официјалниот старт на сезоната.