МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИГРА НА МУНДИЈАЛОТ ВО 2025!

Mашката репрезентација на Македонија славеше со 34-26 на реваншот од бараж двомечот против Фарски Острови и се пласиршае на Светското првенство 2025 година. Избраниците на Кире Лазаров направија херојски подвиг и ја анулираа негативата од првиот натпревар од Торшавн, која беше седум гола и деветти пат ќе играат на светските собири. Пешевски кој имаше осум од осум, како и Кузмановски со седум, односно Митев со шест гола, беа лидерите кон триумфот над островската селекција со поддршка од капитенот Митревски. Секако и сите останати што добија шанса ја оправдаа довербата на стручниот штаб и имаат улога во пласман на Мундијалот.

Гостите од Фарски Острови на стартот лесно ја пробиваа македонската одбрана, иако Никола Митревски имаше две одбрани по ред. Се играше гол за гол, но и голманот Јакобсен исто така фати два удари. Фараните изненадувачки тргнаа со игра „седум на шест“ и на стартот тоа им даваше плод, но примија два гола на празна мрежа и Македонија за првпат поведе со плус два, 7-5, по девет минут игра.

По 8-6, имавме шанса за плус три, но Кузмановски промаши пенал, а потоа и Јакобсен му одбрани зицер на Јагуриновски, па Фарски Острови се врати на минус еден негатива. Гостите премногу театрално паѓаа по македонските стартови, но судиите не наседнуваа на тоа. Томовски го замени Митревски и веднаш запиша одбрана, а Костески за првпат на спротивната страна донесе плус три, 12-9.

Како одминуваше времето така нашите ракометари ја стефаа одбраната, а во нападот беа прецизни, па предноста се зголеми на плус пет, 15-10. Нападот за шест гола разлика не беше реализиран и казната стигна преку Мортенсен. Кон крајот на полувремето гостите се изборија за минус три, но Митев во последните секунди донесе плус четири, 19-15, иако нападот немаше многу идеја и Македонија беше на половина пат до Мундијал.

Добро тргнавме во второто полувреме, Скипаготу промаши конечно, одбраната беше поподвижна, а нападот на Македонија имаше многу решенија. По седум минута игра, нашите ракометари стигнаа до седум гола предност, 24-17, откако Костески погоди од пенал и негативата од Торшавн беше достигната.

По уште добра одбрана имавме напад и за плус осум, но не беше реализиран, па Митун казни на другата страна. Капитенот Митревски во вистински момент спречи контра, а Пешевски стрелаше во голот на Фараните за 26-19. Уште еднаш Митревски беше на вистинското место, зовре атмосферата во салата и Серафимов донесе највисоки девет гола предност, 28-19.

Гостите беа разбиени, но сега прашањето беше дали ќе издржиме уште 15 минути во ист ритам. Со бомбата на Кузмановски беше 30-21 и гостинскиот селектор побара тајм-аут, кога остануваа да се играат уште десетина минути. Не погодивме два напади со играч повеќе, но и гостите не реализираа исто толку и во последните пет минути се влезе со 31-23 за Македонија.

Митев не извлече од лоша ситуација и погоди за 32-24, а гостите добија и исклучување, па селекторот Ларсен мораше да бара нов тајм-аут. Им трепереа рацете и на Митун и Тајгум, промашија, а Пешевски зголеми на плсу девет, 33-24 на минута до крајот. Но гостите не се откажуваа намалија на 32-25 кога имаше да се играат уште триесетина секунди и Лазаров искусно повика минута одмор.

Пешевски уште еднаш беше прецизен, но и гостите вратија. Ја задржавме умешно топката во последните секунди и прославата можеше да почне.