„Волшебникот“ му кажа збогум на ракометот

Легендарниот голман Голуб Докниќ стави крај на својата богата ракометна кариера на 44-годишна возраст. По цели 15 сезони минати во австрискиот клуб Алпла Хард, искусниот чувар на мрежата одлучи да се повлече од активното играње.

Докниќ, кој е роден во Црна Гора, а настапуваше и за репрезентациите на Србија и Австрија, остави неизбришлива трага во клубот од Хард. Во дресот на Алпла Хард одигра повеќе од 700 натпревари и освои дури 16 трофеи – седум шампионски титули, три Купа на Австрија, шест Супер купа и Лига Куп.

„Имав прекрасна и многу успешна кариера. Повеќе од 15 години го претставував овој клуб со цело срце и огромни емоции. Горд сум што во просек освојував повеќе од еден трофеј по сезона“, изјави Докниќ при своето збогување.

Интересно е што својата ракометна приказна ја започнал релативно доцна – на 16 години, откако претходно тренирал фудбал. Сепак, неговиот талент и посветеност брзо го однеле до врвот, а подоцна станал и еден од најпрепознатливите голмани во австрискиот ракомет.

Поради спектакуларните интервенции, одбранетите седмерци и головите постигнати од гол на гол, навивачите во Австрија го нарекуваа „волшебникот“.

Докниќ од 2005 до 2007 година го бранеше голот на Вардар, а покрај за матичниот Врбас, играше и за италијанскиот Конверзано.