ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Четири екипи, една титула – спектакл во Будимпешта

Европската елита овој викенд ќе го насочи вниманието кон Будимпешта, каде во „МВМ Дом“ ќе се одржи завршниот турнир на Лигата на шампионите. За престижниот трофеј ќе се борат Ѓер, Мец, како и француските Мец и Брест Бретањ.

Најголем фаворит повторно е унгарскиот гигант Ѓер, кој ќе атакува на осмата европска титула и трет трофеј во низа. Унгарките сезонава загубија само два натпревари и доминантно стигнаа до Ф4, елиминирајќи го Оденсе со убедливи 76-53 во четвртфиналето.

Во полуфиналето Ѓер ќе се соочи со Брест, тим кој по вторпат во историјата ќе игра на завршниот турнир. Францускиот состав има убави спомени од првиот настап во 2021 година, кога токму во полуфиналето го елиминираше Ѓер по драматично изведување пенали.

Во второто полуфинале романскиот шампион ЧСМ Букурешт ќе се обиде да ја прекине негативната серија против Мец. Францускиот тим има девет победи во 12 меѓусебни дуели и веќе пет натпревари по ред не знае за пораз против романскиот состав.

За ЧСМ ова е прво учество на Ф4 по осум години, а враќањето во Будимпешта буди посебни спомени бидејќи токму таму во 2016 година ја освоија единствената титула во Лигата на шампионите, победувајќи го Ѓер во финалето по пенали.

Од друга страна, Мец ќе го игра својот четврти Ф4 во последните пет сезони, но францускиот шампион сè уште никогаш не стигнал до големото финале. Најдобриот пласман на клубот е третото место од сезоната 2021/22.

На меѓународна сцена се играат и полуфиналните средби во шпанскиот Копа Дел Реј, а во Германија се игра последното коло од Втората Бундес лига. Мартин Томовски со неговиот Битигхајм со кој одамна обезбедија промоција во елитата, ќе гостуваат кај Балинген.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: 

15:00 МЕЦ – ЧСМ БУКУРЕШТ (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)
17:00 НАВА – БАРСЕЛОНА (КОПА ДЕЛ РЕЈ)
18:00 БРЕСТ БРЕТАЊ – ЃЕР (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)
19:30 УЕСКА – БИДАСОА ИРУН (КОПА ДЕЛ РЕЈ)
18:00 БАЛИНГЕН – БИТИГХАЈМ (ГЕРМАНИЈА)