Тимот на Бутел Скопје и изминатата сезона успеа да се пласира во разигрувањето за титулата и ја продолжи традицијата што важи уште откако бутелци се членови на елитното друштво во Македонија – секоја сезона да се игра во плеј-офот.
Оваа сезона тоа беше остварено со млади македонски сили со кои работеа Горан Кузманоски и неговиот стручен штаб со Стефан Стојановски и Александар Стојаноски. Стојановски и Стојаноски го водеа младинскиот тим на Бутел Скопје кој имаше одличен финиш на сезоната и успеа да стигне до второто место.
Бутел Скопје пред три сезони беше кадетски шампион и редовно остварува одлични резултати во младинските категории. Тренерот Стојановски е горд на неговите момци кои запишаа осум победи на десет меча од плеј-офот во младинската лига.
„Со оглед на резултатот што го направивме оваа сезона со младинците задоволен сум, благодарност до моите играчи кои напредуваа од ден во ден тренираа напорно некогаш и по два по три тренинга и сето тоа на крајот на годината донесе резултат, во регуларниот дел имавме многу падови, повреди, но се изборивме за плеј-оф и во плеј-офот од десет натпревари запишавме осум победи и загубивме само од шампионот. Пред да почне првенството очекувањата беа да бидеме во ТОП 3, па така на крајот целта е остварена“, вели Стојаноски.

Тој одлично соработуваше во првата екипа со тренерот Горан Кузманоски.
„Имавме одлична соработка со Горан Кузманоски работевме напорно, посветено и беспрекорно, дел од тие играчи имаат значителна улога и во првиот тим што не правеше дополнително горди. Голема благодарност до тренерот Горан што секогаш работи и бара максимално залагање и дисциплина од секој играч и им дава шанса на младите да се развиваат и во младинската лига се да е полесно. Сакам да му посакам успех на Горан во новиот клуб и да му се заблагодарам за секој совет и помош. Моите цели за следната сезона се да бидеме пак во ТОП 3, да покажеме добра игра, да напредуваат и да уживаат момците на теренот, за првата екипа секако филозофијата е јасна борба за плеј-оф и да се развиваат што повеќе домашни млади играчи“, заврши Стојаноски.

Првиот тим на Бутел Скопје на крајот на сезона заврши на петтото место веднаш зад водечката четворка во Македонија, а Кузманоски успеа да го извлече максимумот од играчите.
„Задоволен сум пред сè од начинот на кој се претставивме оваа сезона, од играта што ја прикажавме и од тоа што успеавме да добиеме многу важни и клучни натпревари во борбата за пласман во плеј-офот. Ако се земе предвид дека имавме најмлада екипа во лигата, составена претежно од македонски играчи, младински и кадетски репрезентативци, со исклучок на неколку поискусни ракометари, тогаш задоволството е уште поголемо. Покажавме карактер во текот на целата сезона, а таа беше исклучително тешка и квалитетна. Лигата можеби никогаш не била поизедначена, ако се знае дека дури четири екипи се бореа за првото место. Во таква конкуренција успеавме да бидеме конкурентни и да го обезбедиме нашето место во плеј-офот. Во разигрувањето за титулата се претставивме во вистинско светло. Младите играчи добија значајно искуство, а дел од нив прераснаа во носители на играта и покажаа дека на нив може сериозно да се смета во иднина. Посебно сакам да го пофалам капитенот Димитар Ѓорѓиевски, кој со својот однос, лидерство и посветеност ја предводеше оваа екипа во текот на сезоната. Исто така, голема заслуга има и искусниот голман Благојче Трајкоски, кој во многу важни натпревари ни донесе сигурност со своите одбрани и беше еден од клучните фактори во значајните победи. На крајот, петтото место и излезот во Европа се резултат со кој можеме да бидеме задоволни. Дополнително ме радува и работата со младите категории. Сакам да ги пофалам Стефан Стојановски и Александар Стојаноски, кои со младинската екипа го освоија второто место и уште еднаш покажаа дека Бутел одлично работи со младите категории и создава играчи кои во иднина ќе бидат столб на првиот тим и на македонскиот ракомет“, вели Кузманоски.

Тој заминува ова лето и ќе има нов предизвик во странство поточно на Кипар, но вели дека заминува горд и среќен со тоа што го направи во овие две сезони.
„Од Бутел заминувам горд и среќен, пред сè затоа што работев во средина која имаше јасна визија и цел – да создава и развива македонски играчи, особено млади ракометари кои во иднина ќе дадат сериозен придонес за македонскиот ракомет. Тоа беше нешто што од првиот ден се совпадна со моите размислувања и начинот на работа. Бутел секоја година имал амбиции да биде дел од плеј-офот. Кога дојдов во клубот, заедно започнавме процес на смена на генерацијата, кој воопшто не беше лесен. Потребно беше време, трпение и многу работа, но и покрај тоа успеавме да останеме конкурентни и да бидеме дел од плеј-офот. Во исто време, младинските категории освојуваа медали и покажуваа дека клубот има одлична иднина. Нашата цел беше на младите играчи да им дадеме вистинска шанса, а не само минутажа во натпревари без резултатско значење. Сакавме тие да играат важни натпревари и да растат токму преку настапи во плеј-офот. Секако дека беше полесно да донесеме неколку просечни странски играчи и на краток рок можеби да добиеме одредени резултати, но сметам дека тоа немаше да биде добро ниту за клубот, ниту за македонскиот ракомет. Ние избравме потежок, но поисправен пат. Затоа денес заминувам задоволен и со крената глава, знаејќи дека оставаме добра основа за иднината. Благодарен сум на управата за укажаната доверба, поддршка и трпение во изминатиот период. Верувам дека Бутел и во следната сезона ќе продолжи да работи со истите амбиции и истата посветеност кон развојот на младите играчи“, продолжи Кузманоски.

На местото на прилепчанецот во Бутел Скопје доаѓа легендарниот Стојанче Стоилов. Кузманоски верува дека го остава клубот во вистински раце.
„На клупата доаѓа Столе Стоилов, човек кој има огромно искуство зад себе и како играч и како спортска личност. Сигурен сум дека ќе има што да им пренесе на младите ракометари и дека ќе продолжи да го гради Бутел во насоката во која клубот се движи изминативе години. Му посакувам многу успех и верувам дека клубот ќе продолжи да напредува и да биде пример за работа со домашни и млади играчи“, заврши Кузманоски.
Бутел Скопје ќе ги започне подготовките кон крајот на месец јули, а допрва треба да биде комплетиран ростерот на клубот со кој одново ќе се атакува на место во плеј-офот.
























