Поранешниот европски шампион ЧСМ Букурешт доби историски највисок буџет, и покрај тоа што градските власти во романската престолнина го намалија вкупниот буџет за 30%.
Според информациите од „ГСП“, клубот во следната сезона ќе располага со речиси 13 милиони евра, што е значително повеќе од планираните 11,5 милиони, па на неговиот буџет можат да му завидат многу силни машки екипи.
Порталот наведува дека клубот за само платите на ракометарките трошел дури 2,6 милиони евра во тековната сезона. Ваквите финансии го ставаат романскиот шампион меѓу најбогатите клубови во Европа.
Според податоци од изминатите години, најплатена ракометарка во тимот е Кристина Неагу, која заработува околу 20.000 евра месечно. Легендата на романскиот ракометар по крајот на тековната сезона ќе ја заврши својата кариера.
За споредба, буџетот на клубот пред неколку сезони изнесуваше околу 3,8 милиони евра, а ваквата разлика покажува само колкав раст е направен во финансиската структура.
Голем пораст е забележан и кај приходите од спонзорства, околу 100.000 евра, а според градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, клубот има ваква финансиска стабилност, бидејќи успеал да изгради силни партнерства.
Сега кога финансискиот дел е обезбеден, останува на тимот да ги оправда големите вложувања и да ги оствари зацртаните цели. Со ваков буџет, очекувањата се најмалку Ф4 во Лигата на шампионите и доминација во романскиот шампионат.
ЧСМ Букурешт го елиминираше градскиот ривал Рапид Букурешт, тим во кој настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, во осминафиналето од Лигата на шампионите и за пласман на Ф4 тутнирот во Будимпешта ќе се бори против данскиот Есбјерг.