Иако лани ја заврши играчката кариера и сега е извршен директор на Вардар, Борко Ристовски би можел да се врати на ракометните терени. Македонскиот чувар на мрежата се уште го бие добар глас во Германија и се наоѓа на листата на евентуални замени за Никола Портнер во европскиот првак Магдебург!
Портнер е суспендиран поради сомневање за користење на допинг, па Магдебург веќе бара партнер на шпанскиот репрезентативец Сергеј Ернандез. Според „Handball World“, за време на Ф4 од германскиот Куп втор голман ќе биде младиот Никлас Берент, но Магдебург посакува искусен чувар на мрежата.
Поради тоа што е завршен преодниот рок, во опција може да бидат само ракометари што не настапувале никаде сезонава. Ристовски веднаш би можел да биде регистриран за настап, а нема да му биде потребна адаптација во Бундес лигата, бидејќи веќе бранеше за Гумерсбах, Рајн Некар Левен, Лемго…
Магдебург е во игра за сите трофеи во Германија, а ја продолжува одбраната на титулата и во Лигата на шампионите. Според „Handball World“, покрај Ристовски, во комбинација за европскиот шампион се Арпад Штербик, кој во моментов работи како тренер на голмани во Веспрем и тешко дека би бил ослободен од обврските, како и Ерик Тепфер, кој е актуелен прв стратег на женскиот тим на Лајпциг.
Иако Магдебург ги посакувал и легендарните Хенинг Фриц и Венсан Жерар, тие не може да заиграат, бидејќи сезонава Фриц веќе беше регистриран за италијанскиот Бриксен, а Жерар се врати во Франција и брани за Истр, па не е неможно Ристовски да заигра и за четврти бундеслигашки клуб во богатата и успешна кариера.