Викендов во Келн ќе се одржи завршниот турнир во Лигата на шампионите, а четири европски великани ќе се борат за највредниот клупски трофеј. Три од екипите настапија и на минатогодишниот Ф4 турнир – актуелниот шампион Магдебург, финалистот Фуксе Берлин и рекордерот по бројот на титули Барселона. Четвртиот учесник е данскиот шампион Алборг.
Двете полуфиналиња ќе бидат реприза на финалните пресметки од последните две изданија на Ф4 турнирот. Во првото полуфинале ќе се сретнат Магдебург и Берлин, во уште едно големо германско дерби.
Магдебург ја брани титулата освоена минатата сезона и досега трипати ја има освоено Лигата на шампионите – во 2002, 2023 и 2025 година. Тимот на Бенет Вигерт заврши втор во групата Б со 23 бода, а во четвртфиналето убедливо го елиминираше ПИК Сегед со вкупни 80-65.
Берлин, пак, беше лидер во групата А со 22 бода, а во четвртфиналето со само еден гол разлика го елиминираше Веспрем (69-68). Минатата сезона двата тима играа во финалето, кога Магдебург славеше со 32-26. Интересно е што актуелниот шампион ги доби и двата меѓусебни натпревари во Бундес лигата оваа сезона, 33-31 дома и 39-31 на гости.
Првата ѕвезда на Берлин, Матијас Гидсел, е најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 144 гола, додека за Магдебург најпрецизен е Омар Инги Магнусон со 86 погодоци.
Во второто полуфинале ќе играат Алборг и Барселона, дуел што веќе двапати бил финале во Келн. Барселона е најтрофејниот клуб во историјата на натпреварувањето со 11 титули, а ова ќе биде нејзино осмо последователно учество на Ф4 и уште еден рекорд.
Каталонците имаа фантастична сезона, завршија први во групата Б со 26 бода и само еден пораз, а во четвртфиналето лесно го елиминираа Нант со вкупни 63-51. Алборг, кој никогаш не ја освоил титулата, стигна до Келн откако во драматично четвртфинале го елиминираше Спортинг Лисабон со вкупни 68-67.
Барселона има огромна предност во меѓусебните дуели, 13 победи на 14 натпревари. Данците ја остварија единствената победа минатата сезона во групната фаза (36-35), но во двете финалиња во Келн славеше шпанскиот гигант, со 36-23 во 2021 и 31-30 во 2024 година.
Најефикасен кај Алборг оваа сезона е Томас Арнолдсен со 94 гола, додека кај Барселона прв стрелец е Алеикс Гомез со 103 погодоци.
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
15:00 МАГДЕБУРГ – ФУКСЕ БЕРЛИН (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)
18:00 АЛБОРГ – БАРСЕЛОНА (ЛИГА НА ШАМПИОНИ)

























