Армина Исиќ останува во Ѓорче Петров

Mакедонскиот освојувач на двојната круна, ЖРК Ѓорче Петров продолжува со задржување на јадрото на тимот за следната сезона. Босанската интернационалка Армина Исиќ останува верна на и во новата сезона повторно ќе го носи дресот на „лавиците“.

Исиќ лани пристигна во Ѓорче Петров како засилување со богато интернационално искуство и брзо се вклопи во тимот кој сезонава доминираше на домашната сцена. Македонскиот шампион ја освои и титулата и Купот, а задржувањето на искусната ракометарка е јасен знак дека клубот сака континуитет и стабилност пред новите предизвици. Особено оние што им претстојат во Лига Европа.

Станува збор за ракометарка од Босна и Херцеговина, родена во Мостар, која игра на позицијата лев бек. Пред да дојде во Македонија, Исиќ настапуваше во неколку европски средини, меѓу кои Турција, Шпанија, Франција и Романија, а последно беше дел од турски Јаликавакспор. Токму таму стекна сериозно искуство во силни натпревари и настапуваше во ЕХФ Европската лига.

Тоа искуство ќе биде од големо значење за Ѓорче Петров, бидејќи клубот следната сезона треба да настапува во Лига Европа. За „лавиците“ ова ќе биде нов голем европски предизвик, а играчи како Исиќ, кои веќе го почувствувале ритамот на европските натпреварувања, можат да бидат важен фактор во обидот тимот да направи чекор повеќе.

Со продолжувањето на соработката со Армина Исиќ, Ѓорче Петров уште еднаш покажува дека не сака само да ја брани двојната круна во Македонија, туку и да биде конкурентен на европската сцена. Во клубот продолжува процесот на составување на тимот за новата сезона, во која амбициите повторно ќе бидат високи.

Веќе неколку нови ракометарки пристигнаа во Скопје, задржани се повеќемина од актуелниот состав, а најавени се и нови засилувања.