Дика Мем: Ова е викендот за кој работевме цела сезона

Во центарот на вниманието на европската ракометна јавност овој викенд ќе биде завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн, каде ќе играат Алборг, Барселона, Фуксе Берлин и актуелниот првак Магдебург.

Тренерот на Барселона, Карлос Ортега, е задоволен од настапите на својот тим оваа сезона и верува дека каталонците заслужено се дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите.

„Имавме одлична сезона. Загубивме само еден натпревар, против Магдебург, па затоа е логично што сме тука. Минатото лето имаше многу промени во тимот и требаше време за да се создаде вистинска хемија, но успеавме во тоа. Среќни сме што повторно сме во Келн, но сега сакаме и повеќе од тоа“, изјави Ортега.

Во полуфиналето Барселона ќе се соочи со Алборг, а шпанскиот стратег има голем респект кон противникот.

„Алборг е многу опасен тим. Игра брз ракомет и постигнува многу голови. Имаат квалитет и длабочина во составот, но уверен сум дека добро се подготвивме. Сите во тимот се максимално мотивирани повторно да ја освојат Лигата на шампионите“, порача Ортега.

Францускиот ас Дика Мем вели дека мотивацијата пред Ф4 турнирот е огромна.

„Секој играч сака да биде тука. Не ни треба дополнителна мотивација. Ова е најважниот викенд во сезоната и за него работевме цела година. Сега е време да покажеме што знаеме“, истакна Мем.

Тој не сака да зборува за фаворити.

„Сите четири екипи се рамноправни. Во Келн етикетите не значат ништо. Најважно е како ќе одиграме и дали ќе успееме да победиме во полуфиналето“, додаде францускиот бек.

Големо засилување за Барселона оваа сезона е враќањето на Лудовик Фабрегас, кој смета дека каталонскиот тим останува меѓу главните кандидати за титулата.

„Чест е повторно да бидам тука меѓу четирите најдобри екипи во светот. Сметам дека сме подеднакво силни како пред две години. Сите во Келн имаат шанса да победат, но фактот што Барселона повторно се смета за фаворит покажува дека работиме одлична работа“, изјави Фабрегас.

Французинот посочи дека осмото последователно учество на Барселона на Фајналфор турнирот не смее да се зема здраво за готово.

„Луѓето не сфаќаат колку е тешко секоја година да се стигне до Келн. Само затоа што ние сме тука осма година по ред, не значи дека е лесно. Големи клубови како ПСЖ, Келце, Нант и Веспрем не успеаја да се пласираат, што доволно говори колку е тежок патот до завршниот турнир“, заврши Фабрегас.

Првото полуфинале меѓу Магдебург и Фуксе Берлин се игра од 15:00 часот, а од 18:00 часот ќе стартува пресметката меѓу Алборг и Барселона.