Јасухира, Пилиповиќ и Горига во полуфинале, Кузмановски го чека битка за ТОП 4

Екипата на Бурган, каде што игра Косуке Јасухира обезбеди место во полуфиналето на Азиското клупско првенство, откако славеше над Ал Наџма од Бахреин со 28-24.

Јасухира даде еден погодок за победничкиот тим, додека Урош Митровиќ немаше реализации за составот од Бахреин.

Ал Калиџ од Саудиска Арабија славеше со 32-27 против Ал Духаил од Катар, каде што во стручниот штаб е Петар Мисовски како тренер на голманите.

За победничкиот состав, Дмитро Горига имаше два гола од три обиди, додека Кристијан Пилиповиќ запиша осум одбрани.

Катарскиот Ал Араби предводен од Гиорги Сковребадзе и Игор Турченко славеше убедливо против Шаржа од ОАЕ со 32-23 и остана во трка по полуфиналето.

На табелата, Бурган е прв со девет бода по шест меча, а Ал Калиџ има исто толку по пет меча и обезбеди исто место во полуфиналето. За уште две места во ТОП 4 и разигрување за титулата ќе се борат Ал Араби (Катар), Ал Духаил (Катар) и Кувајт Спорт Клуб (Кувајт), кои имаат по пет бода и Ал Наџма (Бахреин) која има три бода.

Во последното коло ќе играат Ал Духаил – Ал Араби, Ал Наџма – Ал Калиџ и Кувајт Спорт Клуб – Шаржа.