Ѓукиќ: Во финалето нема фаворит – трофејот ќе го крене тој што ќе има поголема желба

Ракометарите на Охрид немаат многу време за анализи по мечот со Еурофарм Пелистер, бидејќи веќе в недела ги очекува првиот финален натпревар со унгарската Татабања од ЕХФ Европскиот Куп.

Десното крило Дарко Ѓукиќ очекува тежок натпревар, но смета дека нема фаворит во двомечот.

„Не очекува тежок натпревар во недела, влогот е голем, титула во Европа. Според мене играме против една одлична екипа и мислам дека во финалето нема фаворит и трофејот ќе го крене тој што ќе има поголема желба. Ќе се обидеме да изиграме што подобро и со што подобар резултат да се вратиме во Охрид“, изјави Ѓукиќ.

Првиот меч меѓу Татабања и Охрид се игра на 24 мај во недела од 17:00 часот, додека реваншот е на 31 мај од 20:00 часот.