Женската репрезентација на Македонија ќе се бори против Германија, Словенија и Белгија во квалификациите за ЕП 2026.
Селекторот на Германија, Маркус Гаугиш, кратко ја прокоментира ждрепката и ја презема фаворитската улога.
„Противниците се атрактивни, но ние сме фаворити во оваа група. Иако се работи за борба за ЕП, првите два натпревари против Македонија и Белгија, ќе ги искористиме за добра подготовка за домашното СП 2025. Против Словенија имаме позитивни искуства, победивме на важни натпревари“, изјави Гаугиш по ждрепката.
Македонија стартува на гостински терен кај Германија, а потоа ќе ја пречека Словенија во првите две кола што се на програмата од 15 до 19 октомври годинава.
Останатите четири меча ќе се играат во март и април 2026 година. Пласман на ЕП 2026 обезбедуваат прво и второпласираните селекции, како и најдобрите четири третопласирани од шесте групи.
ЕП 2026 година за првпат во историјата ќе се игра во пет држави – Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција, а покрај домаќините, досега пласман обезбедија Норвешка, Данска и Унгарија.