Вицешампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, продолжува да инвестира во иднината и го обезбеди потписот на еден од најперспективните хрватски ракометари. Нов член на битолскиот клуб е 18-годишниот десен бек Диего Басанесе, кој потпиша четиригодишен договор и ќе му се приклучи на тимот од сезоната 2026/27.
Станува збор за младински и кадетски репрезентативец на Хрватска, ракометар кој во својата земја важи за еден од најголемите таленти од својата генерација. Басанесе доаѓа во Битола од Умаг, каде што со своите настапи го привлече вниманието на бројни клубови од регионот.
Младиот десен бек веќе има значајни успеси зад себе, меѓу кои и освоен медал со кадетската репрезентација на Хрватска на Медитеранските игри, што дополнително ја потврдува неговата перспектива и квалитет.
Од Еурофарм Пелистер јасно покажуваат дека сериозно сметаат на Басанесе во иднина, а четиригодишниот договор е доказ дека клубот го гледа како дел од долгорочниот проект и еден од носителите на новата генерација.























