Ракометарите на Еурофарм Пелистер на гостувањето во Португалија кај Спортинг Лисабон не успеаја да ги освојат бодовите, откако загубија со 30:24.
Еурофарм Пелистер во следното, 12. коло на свој терен ќе го пречека Динамо Букурешт на Давид Дејвис.
Домаќините добро го започнаа натпреварот, поведоа со 3:0 во воведниот дел, а првиот гол за македонскиот шампион го постигна искусниот Хосни во 4-та минута. Спортинг Лисабон имаше контрола на играта и по десет минути игра неговата предност беше плус три, 6:3.
До овој момент, Митревски беше без интервенција, додека на спротивната страна Кристенсен имаше две. Следуваа два гола во низа на Еурофарм Пелистер за минус еден, 6:5, и од тој момент избраниците на Алонсо заиграа подобро.
Првото изедначување на натпреварот се случи кон средината на првиот дел кога десниот бек Хосни погоди за 7:7. По кам-бекот на пелистерци, домаќините одговорија со иста мера и дојда до 9:7 во 15-та минута.
Домашниот тим неколку минути подоцна дојде до 11:8, ракометарите на Еурофарм Пелистер се обидуваа повторно да се вратат во игра, но избраниците на Кошта беа повеќе пофокусирани и на пауза заминаа со предност од 14:13.
Вториот дел започна во брз ритам, па така по шест минути игра резултатот беше 17:17. Португалскиот тим успеа да направи серија од 4:0 и дојде до 21:17 во 40-та минута. Еурофарм Пелистер речиси осум минути беше без погодок, а кризата кај битолчани ја прекина Кузмановски, кој намали на 21:18, а во 45-та минута капитенот повторно реализираше за минус два, 21:19.
Спортинг Лисабон некако успеваше да дојде до реализација, поведе со 25:20 во 48-та минута и до крјаот успеа да ја зголеми предноста.
Најефикасен кај Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со шест погодоци, пет постигна Усама Хосни, а четири додаде Жарко Пешевски.