Ракометарките на Чаир славеа против Вардар со 37:31 (17:13) во рамки од 10. коло од плеј-офот во Женската лига.
На натпреварот, кој беше одигран во спортската сала „7 Март“, имаше краток прекин поради проблем со кровот на салата поради дождот, но мечот потоа продолжи.
Чаир победата ја обезбеди со одличната игра во вториот дел, во која гостинките не можеа да го следат неговиот ритам и веќе во последниот период кренаа раце од натпреварот.
Во победничката екипа повторно се истакна левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, која зад своето име запиша девет погодоци, сите од игра, седум додаде искусната Габриела Величковска, а пет реализации имаше Теодора Дукоска.
Кај поразениот табор се истакнаа Ивана Трифуноска, Леона Миленковска и Нина Милевска, трите ракометарки имаа по шест реализации.
Вицепрвакот во следното, 11. коло ќе гостува кај актуелниот шампион Ѓорче Петров, додека Вардар ќе го пречека Куманово.