Ракометот повторно покажа зошто е спорт број 1 во Македонија. По сезона исполнета со неизвесност, силни дерби натпревари, европски успеси и голема борба за трофеите, 24Ракомет осма сезона по ред го отвора изборот за најдобрите во машката конкуренција – ALL STAR тимот на сезоната 2025/2026.
Специјализираниот медиум за ракомет во Македонија, www.24rakomet.mk, и оваа сезона ќе ги избере и прогласи најдобрите ракометари, тренер, дефанзивец и млад играч, а важен дел од изборот повторно ќе биде публиката.
По една од најинтересните сезони во последните години, во која четири екипи сериозно конкурираа за трофеите, титулата се врати во Скопје, македонски тим играше финале во Купот на ЕХФ, друг стигна до ТОП 8 во ЕХФ Лигата на Европа, а Македонија повторно имаше претставник и во Лигата на шампионите, дојде време да се изберат најдобрите.
24Ракомет ја продолжува традицијата и осма сезона по ред организира избор за идеалниот тим на сезоната. На свечена манифестација на крајот на месец мај ќе бидат доделени признанијата за најдобрите седум играчи по позиции, како и за најдобар тренер, најдобар дефанзивец и најдобар млад играч.
Како специјализиран спортски портал посветен на ракометот, www.24rakomet.mk ќе им даде признание на оние што се истакнаа со својата игра, квалитет, континуитет и резултати во сезоната 2025/2026. Во изборот се најдоа ракометари од Супер лигата, од екипите што играа во плеј-офот, но и од тимовите што беа дел од плеј-аутот.
Во изборот за ALL STAR тимот на сезоната ќе учествуваат три сегменти:
* публиката преку онлајн гласањето што го организира 24Ракомет,
* македонските новинари кои следат ракомет од сите медиумски формати во земјава,
* редакцијата на 24Ракомет.
Збирот од гласовите на публиката, новинарите и редакцијата на 24Ракомет ќе ги даде победниците во секоја категорија.
Во секоја од вкупно 10 категории ќе има по тројца номинирани кандидати. Кандидатот што ќе добие најмногу гласови од публиката ќе освои 3 бода, второпласираниот ќе добие 2 бода, а третопласираниот 1 бод.
Истиот принцип ќе важи и при гласањето на новинарите, како и при гласањето на редакцијата на 24Ракомет. Играчите и тренерот што ќе соберат најмногу бодови во својата категорија ќе бидат прогласени за дел од ALL STAR тимот на сезоната 2025/2026.
Редакцијата на 24Ракомет ви овозможува и Вие, нашите читатели, да бидете дел од изборот. Вашиот глас може да биде решавачки во трката за најдобрите во македонскиот ракомет.
Во следните денови ќе бидат претставени сите кандидати по категории, со цел полесно да одлучите кому ќе му го дадете вашиот глас.
Гласајте за најдобрите, поддржете ги вашите фаворити и бидете дел од изборот на ALL STAR тимот на сезоната 2025/2026.
ГЛАСАЊЕТО ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕНО ДО 12 ЧАСОТ НА 23 МАЈ 2026 ГОДИНА.
























