Еурофарм Пелистер сериозно се подготвува за следната сезона и е активен на трансфер пазарот на играчи. По потпишувањето на Марко Кизиќ, Немања Обрадовиќ и Реиние Табоада, битолчани се на добар пат да ја покријат и позицијата десно крило. Таа во моментов е најдефицитарна, со оглед на тоа што сегашните играчи Милан Ѓукиќ и Мирко Радовиќ заминуваат.
Најсериозен кандидат за десната крилна позиција во Еурофарм Пелистер е Хрватот Јосип Божиќ-Павлетиќ. Тој оваа сезона ја почна во Загреб, а ќе ја заврши во бундеслигашот Гепинген. Сега му завршува договорот со Германците и е слободен играч. Според најавите Божиќ-Павлетиќ би требало да се пресели во Битола и да формира дуо со Ненад Костески.
Битолчани сакаат квалитетен играч, а преговорите се веќе во поодмината фаза и веќе се разговара за конкретните финансиски услови. Божиќ-Павлетиќ од 2012 до 2017 година беше член на Нексе од Нашице, пред да се пресели во Загреб каде играше до февруари годинава. За сениорската репрезентација на Хрватска има одиграно осум меча и има постигнато осум гола.
Во комбинација за крилната позиција во Еурoфарм Пелистер претходно беа и репрезентативци на Словенија и Исланд, но тие трансфери не се реализираа поради големите финансиски барања на двајцата играчи.
Божиќ-Павлетиќ пред да замине во Гепинген, во ракометните кругови се споменуваше и како варијанта за трансфер во Вардар, но сепак замина во Бундес лигата. Таму игра одлично и на последниот натпревар му даде пет гола на Фленсбург.
В моментов во Битола покрај тренерот Жељко Бабиќ, се уште и Матео Мараш, Томислав Кушан и Стипе Мандалиниќ, како сонародници на Божиќ-Павлетиќ.