Капитенот на „лавовите“ кажа крај – Неделковски играше последен пат за Македонија ЃП

Македонија Ѓорче Петров ја заокружи сезоната во Првата лига со домашна победа над Вардар Неготино од 37-30 и шампионатот го заврши меѓу четирите најдобри екипи, односно на четвртата позиција на табелата со 33 бодови.

„Лавовите“ зад себе оставаат добра сезона во која на 24 натпревари запишаа 16 победи, едно реми и седум порази, иако можеби посакуваа битка за ТОП 3.

Резултатот на овој меч беше во сенка на емотивниот момент кој го одбележа. Долгогодишниот капитен Боби Неделковски го одигра својот последен меч во дресот на „лавовите“, а Македонија Ѓорче Петров е клубот каде што ги направи првите ракометни чекори и на кој му остана верен до крајот на кариерата.

Неделковски не се збогува со ракометот, туку останува дел од клубот. Од следната сезона тој ќе започне ново поглавје и официјално ќе ја стартува својата тренерска кариера.

Навивачите во Ѓорче испратија силни аплаузи за својот капитен, кој со години беше симбол на борбеност, лојалност и посветеност кон клубот.