Крај на кариерата: Поранешниот ас на Еурофарм Пелистер се повлече на 33 години!

Данскиот ракометар Себастијан Хенеберг донесе тешка одлука да стави крај на својата професионална кариера поради сериозните проблеми со повредите кои го одбележаа изминатиот период.

Искусниот бек, кој во кариерата настапуваше за Еурофарм Пелистер и за Алборг, а последната сезона ја мина во Скандерборг Архус, призна дека по долг период на размислување и во договор со клубот решил да го раскине договорот пред почетокот на новата сезона.

„По долго и тешко размислување, во договор со клубот, одлучив да го прекинам договорот пред почетокот на новата сезона. Ова воопшто не беше лесна одлука, но сум благодарен за поддршката и отворениот дијалог што го имав со раководството на клубот во текот на целиот процес“, изјави Хенеберг.

Минатата сезона за него беше исполнета со разочарувања, бидејќи поради серија повреди и две операции не успеа да му помогне на тимот, кој имаше историска сезона со настап во финалето на данскиот шампионат и успешна европска кампања.

Од Скандерборг Архус истакнаа дека целосно ја почитуваат неговата одлука. Иако ја завршува играчката кариера, Хенеберг нема да се раздели со клубот. Тој ќе остане дел од Скандерборг Архус во нова функција, каде што ќе го пренесува своето искуство и ќе придонесува во секојдневната работа на клубот.