Новиот суперлигаш Младост Богданци продолжува со формирањето на играчкиот ростер за претстојната сезона во елитната конкуренција.
Богданчани го задржаа младинскиот репрезентативец Ѓорѓе Атанасов и за наредната сезона и се пофалија на социјалните мрежи.
„Младинскиот репрезентативец, кој од своите први ракометни чекори е дел од нашиот клуб, продолжува да ја гради својата кариера во дресот на Младост Богданци. Во изминатите три сезони Ѓорѓе беше меѓу најдобрите стрелци на тимот, потврдувајќи го својот талент, посветеност и голем потенцијал. Неговата брзина, борбеност и чувство за гол го прават еден од најперспективните млади играчи на својата позиција, а продолжувањето на соработката претставува важен чекор во иднината на клубот. Му посакуваме многу здравје, успешни настапи и уште многу голови во дресот на Младост“, се вели во објавата на тимот од Богданци.
Претходно Младост Богданци го задржа тренерот Горан Андоновски, потоа и голманот Живојин Илиќ и бекот Даниел Андоновски, а нови ракометари се левото крило Славе Јанковски и левиот бек Тодор Узунчев.























