Идејата за машка регионална лига повторно е актуелна, но календарот, финансискиот товар и отсуството на најсилните регионални клубови отвораат сериозно прашање: дали Македонија навистина има потреба од уште едно натпреварување што може да ги оптовари европските амбиции на најдобрите?
Во регионот повторно се активира идејата за машка регионална лига, а клучните контури веќе се на маса – систем 4-4-2 со клубови од Србија (4 клуба), Македонија (4 клуба) и Црна Гора (2 клуба). Следната недела во Белград треба да се одржи нов состанок на кој би се финализирал моделот, а според најавите се чека и ставот на Македонија дали нашите најсилни клубови би играле од септември во домашниот шампионат или би се вклучиле подоцна директно во плеј-офот, по пример на минатите регионални проекти. Минатата недела македонските екипи имаа состанок и си ги кажаа своите ставови кои сега РФМ треба да ги преточи во идеи или предлози.
Оваа Регионална лига нема да биде иста како досегашната СЕХА лига бидејќи засега нема ниту спонзор, а нема ниту екипи од други земји каде има поквалиттени тимови. Се ќе треба клубовите самите да покријат, и да играат истовремено на три фронта, домашно првенство, регионална лига, европски купови. Колку има слободни термини во календарот за тоа? Дали клубовите навистина сакаат ваква лига? Кој е бенефитот од лигата за клубовите? Кој ја турка ваквата лига да почне што побрзо?
Во игра се споменуваат и четири македонски клубови како потенцијални учесници, Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и тимот од Автокоманда. Но суштинското прашање е дали на Македонија во овој момент и треба регионална лига со најсилните екипи.
Тезата што заслужува сериозна расправа е дека ваква лига може да изгледа атрактивно на хартија, но за македонските клубови, особено за оние од врвот, ризикува да стане непотребен товар со мал реален бенефит.
Главната причина е календарот. Македонија речиси сигурно ќе има претставник во Лигата на шампионите и најмалку еден во групна фаза на Лига Европа, што значи дополнителни натпревари од септември до ноември или декември, патувања, ротации…. Ако на тоа се додадат уште нови натпревари од регионално натпреварување, добивате сезонски ритам што не е реален за тимови кои сакаат резултат во Европа и стабилност дома. Предлогот од 18 кола е „убиствен систем“, кој нема да може да се издржи.
На пример екипата која би играла во Лига на шампиони ќе има да игра 14 кола, плус 22 кола од регуларен дел од домашно пвенство, плус 10 кола од плејоф, плус Куп мечеви (2-4) и плус 18 кола од регионална лига. А каде е ЕХФ недела, ЕП и СП….квалификации…Тоа се над 60 натпревари!
Вториот аргумент е квалитетот на нашето домашно првенство во однос на другите земји. Македонското првенство во моментов има посилни тимови и понеизвесни натпревари, дерби во секое коло или секое второ коло, и е далеку поквалитетно од она во Србија и Црна Гора. Башка нашите најсилни клубови редовно играат Европа, и тоа во Лигата на шампионите, Лига на Европа и Купот на ЕХФ и секогаш дотуркуваат далеку. Пример годинава Еурофарм Пелистер игра во Лига на шампиони, Вардар во Лига Европа, а Охрид во Купот на ЕХФ и се уште се во системот на натпревари. Тоа им носи и бенефит, и финансиски и за имиџ.
Од таа перспектива, на Вардар и Еурофарм Пелистер не им се неопходни дополнителни натпревари од овој тип за развој и подготовка, туку им се потребни силни европски ривали и свежина за решавачките месеци. Истото важи и за Охрид. За српските екипи, па и за црногорксите, пак, ваквите мечеви се вистинскиот бенефит – тие добиваат силни натпревари без континуитет во европските купови и без домашно првенство што ги тера до максимум секоја недела. Затоа и не е чудно што токму од таму најсилно се турка идејата. И реално сите сакаат да го гледаат Вардар и Еурофарм Пелистер, а малкумина Југовиќ, Тиват, Шамот и Мојковац…
Сега се заговара создавање на силен Партизан, со тренер Раул Гонзалез, а нему му требаат и поквалиттени мечеви за да може да ја дигне формата и да бара резултат во европските купови. Војводина е далеку од онаа од пред неколку години и се повеќе играчи заминуваат, а другите тимови се далеку под ова ниво. Регионална лига ќе им биде одлична за подготовки.
Третиот проблем е системски: ако веќе се прави регионална лига, зошто е ограничена само на три држави? Без Хрватска (со клубови како Загреб, Нексе, Сесвете), без Словенија (Целје, Слован) и без БиХ, проектот губи на смисла. Тоа се клубови што вистински го креваат квалитетот и прават лигата да има тежина. Вака, ризикот е да добиеме „полу-регионална“ лига со многу кола, а со недоволно силен и просечен квалитет за да ја оправда цената што ќе ја платат македонските екипи со замор, можни повреди и продолжување на сезоната. Играчите ќе немаат „душа“.
Што би било решение ако идејата мора да стартува? Реален компромис би бил првата сезона да се постави како тест-проект со клубови кои не се првите две екипи во Македонија, односно со тимови кои немаат ЛШ или ЛЕ групи и имаат потреба од посилни натпревари за да растат. Се разбира доколку сакаат затоа што лигата не е задолжителна. Наместо 18 кола, да им двојно помалку, за да се види како се тоа ќе изгледа. Така би се добила развојна лига што може да донесе прогрес без да го оптовари врвот и најдобрите. И екипите кои немаат силни мечеви, и имаат слободен распоред можат да напредуваат. И нема да биде на штета на домашното првенство и нема да се експериментира.
Во исто време, ќе се види организациски како функционира моделот (термини, патувања, ТВ, трошоци), па потоа може да се донесе одлука дали и како да се вклучат најдобрите. Засега понудените детали за лигата не се баш во насока дека тоа ќе биде огранизирано на највисокото ниво. Прашање е колку тоа финансиски ќе ги чини клубовите? Како ќе се покријат трошоците? Во перспектира се зборува за место во ЛШ, во ЛЕ… но тоа сега само перспектива и муабет.
На крајот, Македонија не треба да влезе во проект само затоа што звучи „големо“ или носталгично. Регионална лига има смисла само ако носи јасен спортски бенефит, стабилно финансирање или спонзор, ТВ вредност и календар што не ги руши европските амбиции. Во спротивно, ризикуваме експеримент што ќе им помогне најмногу на другите, а најмногу ќе ги оптовари токму нашите најсилни клубови. А таман ја оправивме лигата најдовме систем кој носи неизвесност. Немаме потреба од квантитет, кога имаме квалитет.
























