Ракометарите на Пролет запишаа убедлива победа над Радовиш од 37-29 во рамките на осмото коло од плеј-аут фазата во македонската Супер лига.
Пролет сега влегува во игра за второто место откако собра 25 доволно за третата позиција, а втор е Еурофарм Пелистер 2 со 27, но и меч помалку.
Иако важеа за аутсајдери, гостите од Радовиш подобро го отворија натпреварот во салата „Македонско сонце“ и поведоа со 3-1. Сепак, домашниот тим брзо ја презема контролата, направи пресврт и стигна до водство од 10-6.
Радовиш не се предаде лесно и одново се врати во егал, а на паузата беше 16-16 и се мораше да почне од нула.
Во второто полувреме гостите парираа само во почетните минути и беа резултатски во игра, 21-20, но потоа следуваше пад во нивната игра. Пролет го засили темпото и до крајот рутински стигна до сигурен триумф.
Најефикасен на натпреварот беше Андреј Стојановски со осум гола за Пролет, додека кај Радовиш по четири погодоци постигнаа Ончев, Трајчевски, Трајанов, Јанковски и Петров.

























