Еурофарм Пелистер им се врати на победите – рутински славеше против Бутел

Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа убедлива победа над Бутел Скопје од 38-28 во рамките на 8 коло од плеј-офот во македонската Супер лига.

Само неполни 24 часа по големото дерби против Вардар во Скопје, битолчани повторно излегоа на терен и без поголеми проблеми го совладаа скопскиот тим во салата „Боро Чурлевски“.

Тренерот Алексо Лембанов ротираше голем дел од составот, но и покрај тоа домаќините уште од стартот го наметнаа ритамот. Пелистерци отворија со 5-2, Бутел се доближи на 5-4, но потоа следуваше серија на битолчани за целосна контрола на натпреварот.

До крајот на првото полувреме разликата постојано растеше, па Еурофарм Пелистер на паузата замина со убедливи 22-12.

Во вториот дел домашниот тим рутински ја одржуваше предноста, не дозволувајќи му на Бутел да се врати во мечот. Во еден момент водството достигна и максимални +14, а конечниот резултат беше 38-28.

Најефикасни кај победникот беа капитенот Филип Кузмановски и Петар Атанасијевиќ со по осум погодоци, додека кај Бутел најрасположен беше Тодор Узунчев, кој исто така постигна осум гола.