Словенечкиот ракомет доби(ва) вистинско „трето полувреме“ по драматичниот полуфинален натпревар меѓу шампионот Слован Љубљана и Тримо Требње.
Откако Тримо поднесе жалба за судењето и побара повторување на последните 12 секунди, сега со остро соопштение се огласи и Слован, кој обвини за притисоци врз судиите, навреди, говор на омраза и недолично однесување од спротивниот табор.
Од клубот истакнаа дека натпреварот бил вистинска реклама за ракометот со 73 постигнати гола и фантастична атмосфера, но дека по завршувањето биле сведоци на неприфатливо однесување.
„На терените се игра ракомет, а не вербални напади и гестови кои го валкаат спортот“, порачаа од Слован.
Особено жестоки критики беа упатени кон претседателот на Тримо Требње, Антон Јанц, за кого тврдат дека вршел притисок врз судиите и делегатот по натпреварот. Словенечкиот клуб реагираше и на однесувањето на навивачите на Тримо, наведувајќи плукање, навреди, фрлање предмети и интервенции на обезбедувањето.
Слован посебно се осврна и на гестовите на дел од официјалните лица на Тримо, кои, според нив, алудирале на поткуп и корупција.
„Ако некој има докази за поткуп, нека ги достави до институциите. Во спротивно, веднаш нека престане со ваквите инсинуации“, стои во соопштението.
Клубот смета дека против Слован се води организирана медиумска хајка уште од почетокот на сезоната, токму во период кога, како што велат, градат нова успешна приказна за словенечкиот ракомет заедно со легендата Урош Зорман.
„Не сакаме да бидеме трн во око затоа што инвестираме и работиме за иднината на словенечкиот ракомет“, порачаа од клубот.
На крајот, спортскиот директор Јуре Доленец испрати порака која, според него, треба да биде водилка за сите.
„Да престане притисокот врз судиите и да победува ракометот!“
Утре од 18:00 часот во Требње се игра вториот меч од серијата – ако победи Слован оди во битка за титула, ако победи Тримо, ќе се игра мајсторка на теренот во Љубљана.
Се разгореа страстите во Словенија: Тримо се жали по контроверзниот пораз во Љубљана!

























