Златко Даскалоски е име што дваесетина години со голем успех настапуваше за бројни клубови во ракометна Македонија.
Тој пред крајот на играчката кариера се врати назад во Пролет, за по збогувањето од активното бранење да стане дел од стручниот штаб на oвој клуб.
Искусниот 41-годишен ветеран полн со емоции се навраќа на сето она што го мина како играч, со опитмизам гледајќи кон иднината во која исто така ќе остане дел од ракометната приказна.
„Во секој клуб во кој сум настапувал има посебни спомени и секој од нив оставил свој белег во мојата кариера. Како посебен спомен ќе останат шампионските титули со Вардар, како и настапите во Лигата на шампионите со истиот клуб, што претставува врв за секој ракометар. Големо искуство беше и третото место во романската лига со Темишвар, а значајни спомени носам и од периодите кога настапував во Франција, Црна Гора и Турција. Секоја земја, секој клуб и секоја сезона донесоа ново искуство и нов предизвик“, вели Даскалоски.
Тој гледа на повлекувањето како член на Пролет како на посебна симболика.
„Пследната сезона ја поминав во Пролет. Дали ќе беше оваа или следната година, секако ќе дојдеше моментот кога ќе требаше да се заокружи играчката кариера. Иако мој матичен клуб е Струга, почетокот на мојата професионална кариера започна токму во Пролет и некако судбината сакаше тука да се затвори тој круг. Тоа за мене има посебна симболика. Тренерската кариера, конкретно како тренер на голмани, ја започнав постепено уште додека настапував за Голден Арт, работејќи со голманите од сите категории, паралелно со играчката улога. Таа двојна улога продолжи и во Пролет, а од оваа полусезона целосно се посветувам на тренерската работа – како помошник тренер и тренер на голманите во сите категории. Сметам дека тоа е природен чекор и логично продолжение на мојата кариера. Исто така, четири години по ред сум на кампот 40/24 каде држам приватни тренинзи“, продолжи Даскалоски.
Тој вели дека без поддршката од семејството немаше ништо да биде исто.
„На крајот, сакам да изразам искрена благодарност до сите тренери и соиграчи со кои сум настапувал низ годините. Секој од нив остави трага во мојата кариера и придонесе да изградам и спортски и човечки вредности. Му благодарам на Бога за сè, особено што ме сочува од потешки повреди и ми овозможи долга и исполнета кариера. Најголемата благодарност оди до мојата сопруга, моите деца и моите родители, кои беа мојата најсилна поддршка во сите овие години. Без нивната љубов, трпение и разбирање, ништо од ова немаше да биде исто“, порачува за крај Даскалоски.

























