Ново поглавје за екс вардарката: Радичевиќ дипломираше и промовираше книга!

По завршувањето на богатата играчка кариера, Јованка Радичевиќ се посвети на нова цел – дипломираше на Факултетот за меѓународна економија, финансии и бизнис.

Нејзината дипломска работа на тема „Ракометот и визијата за животот“ беше оценета со највисока оцена.

Јованка ја искористи приликата и за да објави книга со приказни кои, како што напиша во својата објава на социјалните мрежи, со години го чекале својот момент.

„Се вика ‘Срце на лавицата’. Тоа е збирка на сè што сум чувствувала, премолчела, преживеала и запишала. Во тие приказни има љубов, сомнежи, сила, нежност, падови, борба. Тие се пишувани од душа, за мене. Но и за секое мало девојче кое сонува, лута, се бара… и не се откажува. Ако некоја од нив, макар и една, прочита и си помисли: ‘Не сум сама. И јас тоа го можам’, знам дека сè имало смисла“, напиша Радичевиќ.

Таа ја заврши кариерата во словенечкиот Крим, а претходно остави длабока трага во Вардар, Будуќност, ЧСМ Букурешт, Ѓер…