Тимот на Охрид го промовираше новото засилување за следната сезона и полека го комплетира играчкиот ростер.
Станува збор за кружниот напаѓач Живан Пешиќ, кој ќе им се придружи на капитенот Иван Тасески и Владимир Бојаниќ на линијата од шест метри.
„Се чувствувам исклучително привилегиран поради повикот и можноста да учествувам во клупски проект како што е Охрид. Се надевам дека заедно во иднина ќе ги оствариме краткорочните и долгорочни цели на клубот. Исто така, како играч ми претставува задоволство што ќе имам можност да работам со тренер со такво искуство и значење за ракометот во Македонија како што е Стевче Алушовски. Моја лична цел е да му помогнам на клубот да оствари подобри резултати во однос на претходната сезона”, изјави Пешиќ.
Претходно Охрид го промовираше и левиот бек Дејан Кукуловски, кој се враќа од чешкиот Брно, а допрва треба да биде официјализиран и договорот со голманот Градимир Чаневски, кој настапува за израелскиот Макаби Ришон Ле Зион.
Пешиќ потекнува од Синтелон, па играше за Веспрем и Ѓер во Унгарија, потоа се врати во Србија каде беше дел од Партизан и Војводина.
Од 2017 до 2019 година беше член на шпанскиот Адемар Леон, потоа играше две сезони во Нексе, па една во израелскиот Хапоел Ришон Ле Зион, пред во 2022 да се врати во Нови Сад.