Ракометарите на Загреб со триумф над словенечкиот Целје со 31-29 ја започнаа новата сезона во Лигата на шампионите. Домашните мораа добро да се испотат за да ги освојат првите бодови. Словенечкиот првак го немаше во ростерот Димитар Узунчев, кој се опоравува од малата повреда во Супер Куп натпреварот против Тримо.
Загреб си го „фати“ редот уште од стартот, поведе со 3-0, па 4-1, а водеше и со четири гола разлика предводен од Бељавски, но упорниот Целје се доближи на минимална негатива, 7-6. Одбраната на хрватскиот првак имаше проблеми да се справи со Анжиќ, кој го полнеше голот на Кастелиц, па Загреб отиде на пауза со предност само од еден гол, 14-13. Целје остана за вториот дел без Корошец кој доби црвен картон поради остар старт.
Избраниците на Хрвоје Хорват не можеа да ја преземат контролата во почените неколку минути во второто полувреме и Целје успеа да израмни на 17-17. По тајм-аутот на Хорват, Загреб заигра подобро, Кастелиц фати неколку топки и отидоа домашните на плус четири, 25-21.
Но Целје ниту тогаш не помисли на предавање, особено откако Загреб остана без Калараш, кој доби црвен картон. Словенците се доближија одново на минус еден на пет минути до крајот, 27-26, но кога требаше да погодат Кастелиц се испречи пред нив, Мазеј беше исклучен, а Главаш и Бељавски донесоа 29-26 и веќе немаше назад. Анжиќ блескаше кај Целје со 11 гола, а кај Загреб осум пати стрелаше Бељавски, додека голманите на двата тима, Кастелиц и Габершек фатија по 11 топки.
Келце прослави тешка победа над швајцарскиот Криенс Луцерн со 30-29, а партијата на екс голманот на Охрид, Кристијан Пилиповиќ, за гостите беше премалку да се надеваат на чудо кај полскиот првак. Пилиповиќ запиша 13 одбрани, но и Дејан Милосављев беше одличен на домашниот гол со 14 интервенциии, па бодовите останаа дома. Шипиќ беше најдобар стрелец кај Луцерн со осум гола, а исто толку за Келце даде Влах.
Вистинска драма имаше на мечот меѓу Алборг и ПСЖ, кој заврши 33-33. Домашните водеа на две минути до крајот со 33-31, но најпрво Пранди намали, потоа промаши Арнолдсен, кој доби и исклучување, па казната стигна преку Соле од пенал по истекот на времето за голем бод на францускиот првак во Данска. Хоксер и Кнор имаа по седум гола за Алборг, додека десет пати стрелаше Соле за ПСЖ.
Унгарскиот Веспрем лесно се справи со Порто и славеше со 36-28, откако на паузата беше 15-14. Имаа гостите добри минути во финишот на првиот дел кога намалија на минус еден, но серијата на Веспрем на стартот на второто полувреме за 20-14 беше клучна и до крајот немаше возбудувања. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ремили и Деска со по седум гола, а исто толку запиша Боргес кај Порто. На голот на Веспрем блесна Нилсен со 14 одбрани.
Лига на шампиони, 1 коло:
група А
Веспрем – Порто 36-28
10/09, 18:45, Партизан – Фуксе Берлин
група Б
09/09, 20:45, Нант – Висла Плоцк
10/09, 20:45, Мелсунген – Вардар
група Ц
Алборг – ПСЖ 33-33
Загреб – Целје 31-29
група Д
10/09, 18:45, ПИК Сегед – Кристијанштад
10/09, 20:45, Спортинг Лисабон – ГОГ Гудме
група Е
09/09, 20:45, Барселона – Скандерборг Архус
10/09, 18:45, Динамо Букурешт – Монпелје
група Ф
Келце – Криенс Луцерн 30-29
10/09, 20:45, Магдебург – Колстад

























