Парондо го чека Вардар: Заслуживме место во ЛШ – ќе играме против најдобрите во Европа

Ракометарите на Вардар по четири години повторно ќе заиграат во Лигата на шампионите, а камбекот во европската елита ќе го имаат на тешко гостување во Германија.

„Црвено-црните“ утре од 20:45 часот ќе му гостуваат на Мелсунген во Касел, во натпревар од првото коло во новата сезона.

За германскиот тим ова ќе биде историски момент, бидејќи Мелсунген за првпат ќе настапи во Лигата на шампионите. Местото во елитното натпреварување го обезбеди откако минатата сезона ја освои Европската лига.

Посебно внимание привлекува тренерот на Мелсунген, Роберто Гарсија Парондо, кој има добро позната историја со Вардар. Шпанецот го предводеше македонскиот шампион во 2019 година, кога „црвено-црните“ ја освоија својата втора титула во Лигата на шампионите.

Парондо со голема мотивација го очекува дебито на својот тим во елитата.

„Со освојувањето на Европската лига заслуживме место во Лигата на шампионите. Сега ќе се натпреваруваме против најдобрите тимови во Европа. Тоа е огромен извор на мотивација“, изјави Парондо.

Покрај Парондо, во тимот на Мелсунген е и десниот бек Даинис Криштопанс, кој во 2019 година стана европски шампион со Вардар.