Питлик без дилема: Бундес лигата ќе биде најдобра во светот најмалку до 2030 година

Данската ѕвезда Симон Питлик е импресиониран од трансферите што во следните години ќе донесат уште повеќе светски имиња во Германија. И самиот е дел од тој тренд - од летото 2027 ќе го замени Фленсбург со Фуксе Берлин.

Германската Бундес лига со години важи за најсилното и најтешкото национално ракометно првенство, но според Симон Питлик, разликата во однос на конкуренцијата допрва ќе расте.

Данскиот репрезентативец смета дека концентрацијата на светски ѕвезди во германските клубови е на ниво какво што досега не било видено.

Питлик, кој сезонава сè уште го носи дресот на Фленсбург, со големо внимание ги следи веќе договорените трансфери за следните години.

„Тоа е лудило“, кусо ја опиша ситуацијата Данецот.

Според него, доволно е да се погледнат составите и трансферите што веќе се договорени за да се види во која насока оди германскиот ракомет.

„Бундеслигата без сомнение ќе остане најдобрата лига во светот најмалку до 2030 година“, вели Питлик, додавајќи дека токму таму се концентрираат најдобрите ракометари на планетата.

Неговата приказна е можеби најдобар пример за она за што зборува. Питлик ќе остане во Фленсбург до крајот на сезоната, а од летото 2027 ќе се пресели во Фуксе Берлин. Германскиот клуб уште во декември минатата година официјално го потврди трансферот, а Данецот потпиша договор до 2030 година.

Во Берлин ќе го чека тим кој веќе има огромен квалитет, а од истото лето ќе пристигне и Дика Мем од Барселона. Французинот потпиша до 2031 година, па Фуксе гради бековска линија во која ќе има играчи како Матијас Гидсел, Питлик, Мем, Нилс Лихтлајн и Тобијас Грендал.

Тоа доволно зборува зошто Питлик смета дека германското првенство оди кон уште повисоко ниво.

Во прилог на неговата теза оди и календарот на големите натпреварувања. Германија во 2027 година ќе биде домаќин на Светското првенство за мажи, а само две години подоцна повторно ќе биде во центарот на вниманието, кога заедно со Франција ќе го организира Мундијалот во 2029 година.

Таквите турнири носат дополнителна медиумска изложеност, публика, спонзори и интерес за ракометот. Во исто време, германските клубови имаат полни или речиси полни сали, големи буџети и можност долгорочно да планираат состави.

Токму затоа најголемите светски имиња сè почесто избираат германски клубови и потпишуваат договори не за една или две сезони, туку за период што оди до крајот на деценијата.

Данецот во Бундес лигата пристигна во 2023 година од ГОГ и веднаш се наметна како една од најголемите ѕвезди на Фленсбург.

Со германскиот клуб двапати ја освои Европската лига, а неговите настапи го направија еден од најбараните бекови во Европа. Фуксе Берлин го договори уште многу порано од истекот на неговиот договор со Фленсбург, што само ја потврдува борбата меѓу германските гиганти за најдобрите играчи.