Шампионот покажа кој е кој – Ѓорче Петров лесно го совлада Чаир

Актуелниот шампион уште во првото коло ја потврди својата моќ и покажа дека останува главен фаворит за одбрана на титулата, но и за освојување на нова двојна круна. Ракометарките на Ѓорче Петров со убедлива победа ја започнаа новата сезона во Женската Супер лига, откако на домашен терен го совладаа Чаир со 35-26.

Гостинките го постигнаа првиот гол на натпреварот, но тоа беше нивното единствено водство. Ѓорче Петров одговори со серија од 5-0 и веќе во 11. минута поведе со 5-1.

Домашниот состав продолжи во ист ритам и постојано ја зголемуваше предноста. Во 19. минута беше 9-3, а три минути подоцна шампионот стигна до високи 12-5. Чаир не успеа посериозно да се врати, па на паузата се замина со резултат 16-9.

Прашањето околу победникот практично беше решено уште во првото полувреме. Ѓорче Петров во продолжението ја контролираше играта и во 51. минута стигна до максимални 14 гола предност при 30-16.

Во завршницата Чаир само успеа да го ублажи поразот. Ако скопскиот тим требаше да биде главниот конкурент на Ѓорче Петров во борбата за домашните трофеи, тогаш убедливиот пораз во првото коло покажува дека прашањето за новиот шампион би можело да биде решено многу порано од очекуваното.

Ѓорче Петров покажа кој е кој на домашната сцена и испрати јасна порака до конкуренцијата дека е подготвен да ја задржи титулата, но и повторно да стигне до двојната круна.

Најефикасна во победничкиот состав беше Емилијана Ризоска со девет гола, Армина Исиќ постигна шест, а Ана Вранчиќ четири. Кај Чаир се истакна Стефанија Ѓорѓиевска со десет погодоци, Михаела Кралева постигна пет, додека Стефани Ристиќ и Александра Коловска реализираа по четири пати.

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…