Нант и Висла Плоцк, двата ривали на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите, одиграа вистинска драма во Франција. Домашниот тим славеше со 26-25, со погодок постигнат буквално со звукот на сирената.
Висла одлично го отвори натпреварот и во осмата минута имаше убедливо водство од 5-0. Полјаците поведоа и со 8-3, но Нант постепено ја консолидираше играта и во 21. минута израмни на 10-10. На паузата резултатот беше 11-11.
Францускиот состав подобро го започна второто полувреме и во 39. минута стигна до водство од 17-14. Висла не дозволи противникот да се одлепи, а во последните десет минути се влезе со само еден гол предност за Нант, 22-21.
Следуваше неизвесна завршница во која двата тима постојано се менуваа во водство. На 35 секунди до крајот Давид Давижик израмни на 25-25, но Нант го искористи последниот напад. Ноам Леополд погоди во последната секунда и донесе голема победа за францускиот претставник.
Најефикасен кај Нант беше Тарафета со девет гола, Леополд постигна шест, а Турна три. Кај Висла се истакна Давидзик со седум погодоци, Митја Јанц реализираше шест, додека Зоран Илиќ натпреварот го заврши со четири гола.
Овој дуел покажа дека Вардар го очекуваат исклучително тешки пресметки со двата противника. Висла, и покрај поразот, демонстрираше голем квалитет на гостински терен, додека Нант потврди дека ќе биде еден од главните кандидати за првите позиции во групата.
Во останатите натпревари од вечерниот термин немаше неизвесност. Барса пред својата публика убедливо го совлада Архус со 39-28. Данскиот состав се држеше до средината на првото полувреме, кога резултатот беше 8-8, но каталонскиот гигант до паузата се одлепи на 18-13.
Барса во второто полувреме целосно ја презеде контролата и во еден период имаше и 12 гола предност. Дика Мем беше најефикасен со седум погодоци, Петар Цикуша постигна шест, а Лудовик Фабрегас пет. Кај Архус, Емил Лерке реализираше осум гола.
Убедлива победа забележа и Магдебург, кој на домашен терен го декласира Колстад со 37-22. Германскиот тим уште на полувремето имаше водство од 19-12, а во продолжението разликата достигна и до 15 гола.
Омар Инги Магнусон беше прв стрелец на Магдебург со седум гола, Матијас Муше постигна шест, додека кај Колстад најефикасен беше Симон Јепсон со пет погодоци.
Лига на шампиони, 1 коло:
група А
Веспрем – Порто 36-28
10/09, 18:45, Партизан – Фуксе Берлин
група Б
Нант – Висла Плоцк 26-25
10/09, 20:45, Мелсунген – Вардар
група Ц
Алборг – ПСЖ 33-33
Загреб – Целје 31-29
група Д
10/09, 18:45, ПИК Сегед – Кристијанштад
10/09, 20:45, Спортинг Лисабон – ГОГ Гудме
група Е
Барселона – Скандерборг Архус 39-28
10/09, 18:45, Динамо Букурешт – Монпелје
група Ф
Келце – Криенс Луцерн 30-29
Магдебург – Колстад 37-22

























