Доколку до септември има исход и информација околу клупската суспензија на тренерот на Алкалоид, Влатко Котески тогаш и Здружението на тренери ќе има своја реакција. Односно во зависност од исходот, можно е тој да не добие тренерска лиценца за следната сезона. Ова го потврди Гино Стрезовски, претседателот на ЗРТМ на семинарот за обновување на тренерската лиценца одржан во Охрид минатата недела.
Алкалоид го суспендираше тренерот откако родителите на малолетниот ракометар јавно проговорија дека поднеле пријава во полиција затоа што на турнир во Унгарија тренерот наводно го повредил играчот.
Во септември почнува новата натпреварувачка сезона во сите категории, и дотогаш потребно е сите тренери да ја обноват лиценцата за работа за да можат да седат на клупата и да ја водат екипата во одреден ранг натпреварување. На семинарот во Охрид не присиствуваа дел од тренерите, некои од непознати причини, а некои поради невремето кое тој ден ја зафати Македонија и прекините во сообраќајот на патиштата. За нив Здружението ќе организира уште еден семинар пред почетокот на сезоната. Ако и тогаш не се појават, ќе треба да платат 15.000 денари за да ја обноват лиценцата.
Тренерската организација во Охрид ниту го осуди инцидентот со тренерот, ниту пак се огради од него. На почетокот на семинарот само неколку минути се задржаа на тоа како треба да се однесуваат тренерите, на Кодексот на тренерите, и посочија некои ситуации со кои се соочило раководството. Едната била „казна од една година од тренер кој тврдел дека ништо не направил“, и накусо и „срамежливо“ го спомнаа пријавениот инцидент во полиција од страна на родителите на малолетниот ракометар.
Здружението за да ја одбрани својата позиција објаснија дека немаат многу можности како да реагираат во ситуации како таа во Унгарија, и најави дека е единствено „можно да не издаде тренерската лиценца“ на тренерот на младите категории на Алкалоид.
Но, не кажаа како ќе постапат ако дотогаш нема никаква завршница од пријавата во полиција и дисциплинската постапка на клубот. Односно, дали без исходот на двете постапки, Здружението ќе му ја обнови дозволата на тренерот и дали Здружението ќе дозволи тој да продолжи да работи со деца до завршувањето на постапките?
Ниту клубот досега не излезе со информација дали имало и други пријавени случаи во клубот, слични на оној што е пријавен во полиција, и за кој тие како клуб веќе покренаа дисциплинска постапка.
Молк има и од страна на РФМ за инцидентот, иако Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе побара од федерацијата целосен извештај за настанот во Унгарија каде било пријавено дека тренерот нападнал физички малолетен играч. Откако Агенцијата ќе го добие извештајот, ќе има и вонредне иснпекциски надзор на работата на РФМ.
Здружението на ракометни тренери на Македонија функционира како орган за саморегулација на тренерите, односно издава и ги обновува лиценците за работа, а се водат согласно Кодексот со кој ги утврдува основните норми на однесување на сите членови во работни и животни околности. Кодексот е стар 10 години (донесен на 19 јануари 2013 година) и не е јавно достапен затоа што ЗРТМ нема своја веб страна, но на наше барање ни го доставија на увид.
За кршење на нормите на однесување утрвдени со Кодексот, Управниот одбор на ЗРТМ може да организира и Дисциплинска комисија на ЗРТМ која ќе ги утврди конкретните работи и ќе заземе став по истото прашање.
Македонските тренери молчат за нивниот колега што тепал дете
АМС бара информација од РФМ за инцидентот во Унгарија и најави инспекција
Алкалоид не демантира, ниту потврди, дали нивeн тренер физички нападнал малолетен играч во Унгарија
РОДИТЕЛИТЕ ПОТВРДИЈА: Малолетниот ракометар се жалел на болки и барал лекар, но не го добил
Нови детали од инцидентот во Унгарија: Ракометарот има повредено уво и можни трајни последици