Македонскиот шампион Ѓорче Петров го совлада чешки Бањик Мост со 22-18 (10-10) во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на Европа. Клучна беше серијата од 4-0 во последните десет минути, со која домашните ракометарки го решија неизвесниот дуел.
Гостинките го постигнаа првиот гол дури во шестата минута, а Ѓорче Петров набргу го презеде водството и поведе со 3-2. Потоа следуваше потежок период за македонскиот првак. Од 4-4, Бањик Мост со три гола во низа стигна до 4-7 во 20. минута.
Избраничките на Славиша Димитријески не дозволија гостинките да се одлепат повеќе. Се доближија на 6-7, а Анѓела Губериниќ со два гола во завршницата израмни на 9-9. Чешкиот тим уште еднаш поведе, но Сабрина Лазеа погоди за 10-10 на полувремето.
Ѓорче Петров подобро го отвори вториот дел и поведе со 13-11, но Бањик Мост повторно се врати. Резултатот беше израмнет на 13-13, потоа и на 14-14, а во 50. минута на семафорот стоеше 15-15. Тогаш се случи решавачкиот пресврт.

Анастасија Трпеска погоди двапати по ред, а потоа Емилијана Ризоска додаде уште два гола за серија од 4-0 и водство од 19-15 во 54. минута. Домашните ја сочуваа предноста во преостанатото време, во завршницата стигнаа и до највисоки 22-17, а гостинките со последниот гол го поставија конечниот резултат.

Анѓела Губериниќ беше најефикасна со седум гола од седум шута. Ризоска постигна четири, а Трпеска и Армина Исиќ по три погодоци. Кај Бањик Мост, Шустачкова даде пет, а Јестрибкова четири гола.
Ѓорче Петров ќе патува со четири гола предност на реваншот во Чешка, закажан за 10 октомври во Мост, кога ќе биде познат патникот во следното квалификациско коло.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























