Македонските тренери молчат за нивниот колега што тепал дете

Повеќе од три дена Здружението на ракометни тренери на Македонија избегнува да одговори дали ќе превземат времени мерки за нивниот колега кој е пријавен во полиција за физички напад врз малолетен играч, а кого минатата недела и клубот го суспендираше на три месеци.

Здружението на ракометни тренери на Македонија (ЗРТМ) кое е единствениот орган што издава лиценци за работа на тренерите во сите возрасни категории, сѐ уште е без официјален став околу последните случувања поврзани со нивниот член, кој е пријавен во полиција и суспендиран од клубот.

Заедно со Ракометната федерација на Македонија, двете институции кои се дел од ракометниот спорт немаат споделено со јавноста никаква официјална реакција за случајот каде родител во полиција уште минатата недела пријави тренер дека физички го нападнал детето на турнир во Унгарија.

Редакцијата на 24Ракомет претпладнето во петокот, на 9 јуни се обрати до тренерската организација со прашања поврзани за случајот. Побаравме одговори дали се запознаени со случајот, дали се во контакт со Ракометната федерација на Македонија и дали имаат кодекс на однесување и што ќе превземат за овој случај.

На нашите прашања, ЗРТМ ни одговори дека немаат информација кој е засегнатиот клуб, а ниту пак знаат кој е тренерот со иницијали В.К. против кого е поднесена пријава. Инцидентот во Унгарија го оценија како  „таканаречен случај“ за кој ќе се обидат да дојдат до информации.

Здружението од нашата редакција побара и да им помогнеме – „Доколку како почитуван портал имате конкретни информации за имињата на клубот и тренерот, Ве молиме да ги споделите со нас, како би можеле да реагираме што поскоро“, стоеше во дописот што го добивме од ЗРТМ.

Неколку часа подоцна, откако клубот Алкалоид со сооштение во петокот попладне го потврди случајот и го суспендираше тренерот В.К. за кого е покрената постапка, повторно се обративме до Здружението на тренери да ги известиме дека клубот веќе го суспендирал тренерот, и побаравме одговор како сега ќе постапи Здружението.

Но, од страна на тренерската организација не одговорија на нашето прашање. Односно, откако дознаа кој е клубот и тренерот молчат.

На 17 и 18 јуни во Охрид треба да се одржи „Семинар за обновување на тренерските лиценци за натпреварувачката сезона 2023/2034“. Два дена тренерите ќе слушаат предавања на различни теми, но засега нема објавено дали ќе се разговара и за инцидентот што се случил во Унгарија, и какво мерки ќе преземе ЗРТМ да ги спречи ваквите однесувања во иднина. Здружението единствено најави дека и викендов, како и секоја друга година претходно, ќе разговараат за односот на тренерите во младите категории.

За присуство на семинар доволно е тренерот да уплати 4.000 денари. На тој начин тренерот ќе добие лиценца да работи во било кој клуб во Македонија во која возрасна категорија сака.

Здружението на ракометни тренери на Македонија функционира како орган за саморегулација на тренерите, односно издава лиценци за работа и има  Кодексот со кој ги утврдува основните норми на однесување на сите членови во работни и животни околности. Кодексот е стар 10 години (донесен на 19 јануари 2013 година) и не е јавно достапен.

За кршење на нормите на однесување утрвдени со Кодексот, Управниот одбор на ЗРТМ може да организира и Дисциплинска комисија на ЗРТМ која ќе ги утврди конкретните работи и ќе заземе став по истото прашање.

АМС бара информација од РФМ за инцидентот во Унгарија и најави инспекција

РК Алкалоид се огласи: Суспендиран тренерот Влатко Котески!

Алкалоид не демантира, ниту потврди, дали нивeн тренер физички нападнал малолетен играч во Унгарија

РОДИТЕЛИТЕ ПОТВРДИЈА: Малолетниот ракометар се жалел на болки и барал лекар, но не го добил

Нови детали од инцидентот во Унгарија: Ракометарот има повредено уво и можни трајни последици

Македонски тренер тепал малолетник на турнир во Унгарија?!