Аеродром броеше до 47 кај Јехона

Ракометарите на Аеродром прославија убедлива победа на гостувањето кај составот на Јехона со 47-36 во натпревар од 4 коло во прволигашката конкуренција.

Домаќините одлично парираа во првите дваесетина минути од мечот кога Аеродром водеше минимално со 13-12.

Но тогаш Јехона почна да греши, гостите ги казнуваа тие грешки и заминаа на плус шест, 18-12, а до паузата практично ја обезбедија победата, 27-17.

Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата од страна на момците на Митко Стоилов.

Предводник на Аеродром беше Бојан Божиновски со десет гола, а имаше поддршка оод Иван Мирчевски и Михаил Митаноски кои постигнаа по осум.

Во составот на Јехона се истакнаа искусните Адис Салиу со десет и Мојсе Тасески со девет погодоци, но тоа беше премалку за позитивен резултат.